Личниот готвач на Обама се удави во езерцето на имотот на поранешниот претседател

од Stefanija Kuzmanovska

Мажот кој се удави во езерцето на имотот на поранешниот американски претседател Барак Обама во Мартинс Вињард, Масачусетс, е идентификуван како Тафари Кембел, поранешен готвач на семејството Обама.

Неговото тело било пронајдено во езерцето длабоко речиси три метри, на околу 30 метри од куќата на имотот, откако екипите за брза помош добиле дојава за „можно давење“ на имотот во неделата вечерта.

Полицијата потврди за „Њујорк Пост“ дека семејството Обама не било дома во моментот на инцидентот.

Кембел служеше како заменик главен готвач во Белата куќа за време на администрацијата на Обама, а по завршувањето на неговиот мандат, Обама го вработи како свој личен готвач, пишува порталот.

„Тафари беше сакан дел од нашето семејство. Кога првпат го запознавме, тој беше талентиран заменик извршен готвач во Белата куќа – креативен и страстен за храната и нејзината способност да ги зближи луѓето. Во годините што следеа, го запознавме како топла, смешна, исклучително љубезна личност која ни го разубави животот“, соопшти семејството Обама.

„Њујорк пост“ пишува дека Кембел се удавил откако се превртел чамецот со кој веслал, а друго лице кое веслало по езерото во исто време изјавило дека го видело Кембел како се бори да излезе на површина, а потоа исчезнал во водата.

Порталот додава дека за време на мандатот на Обама во Белата куќа, Кембел бил познат по тоа што подготвувал пиво користејќи ливадски мед од кошници кои тогашната прва дама на САД, Мишел Обама, го чувала на јужниот тревник на Белата куќа, пренесува „Танјуг“.

Слични содржини