Лишен од слобода синот на „Ел Чапо“

од Nikola Popovski

Мексиканските власти го уапсија водачот на мексиканска нарко-банда Овид Гузман, син на Хоакин „Ел Чапо“ Гузман, потврдија за Ројтерс пет неименувани локални функционери.

Веста за апсењето на Овидио Гузман дојде по судирот меѓу безбедносните сили и вооружените банди во градот Кулијакан во северната мексиканска држава Синалоа, седиштето на истоимениот нарко-картел и една од најмоќните организации за трговија со дрога во светот, истакнуваат од британската агенција.

Овидио Гузман, кој стана клучна фигура во картелот по апсењето на неговиот татко, беше накратко приведен од безбедносните сили во 2019 година, но брзо беше ослободен за да се стави крај на одмаздничките насилства извршени од неговата нарко банда.

САД понудија награда од пет милиони долари за информација што ќе доведе до апсење или осудување на Овидио.

Синот на „Ел Чапо“ е уапсен во пресрет на самитот на северноамериканските лидери во Мексико Сити, на кој следната недела ќе присуствува и американскиот претседател Џозеф Бајден и каде меѓу другото ќе се разговара и за безбедносни прашања.

Еден мексикански функционер изјавил за Ројтерс дека апсењето на Гузман најверојатно ќе биде добредојден благодет за односите меѓу САД и Мексико.

Градскиот аеродром во Кулијакан, каде што бил Гузман, моментално е затворен.

Локалните власти ги повикале граѓаните да останат дома, а училиштата и јавните објекти се затворени поради можно насилство од нарко-бандите.

Хоакин Гузман (65) беше осуден на доживотен затвор во САД во 2019 година за трговија со дрога вредна милијарди долари и заговор за убиство на непријателот. Казната ја издржува во американската сојузна држава Колорадо, во најбезбедниот затвор во САД.

Слични содржини