Локвенец во „Само вистина“: СДСМ нема да се пазари со амнестијата што ја бара Мицкоски

од desk4

Небулозни се обвинувањата на Мицкоски за вина на парламентарното мнозинство за одлагање на Комисијата за избори и именување за формирање на ДИК, која патем ќе биде со шестмесечен мандат, односно од времен карактер само за референдумот, изјави вечерва пратеникот на СДСМ и член на ИК Хари Локвенец во емисијата „Само вистина“ на Канал 5 телевизија.

 

Локвенец ја поздрави денешната изјава на претседателот на Комисијата за избори и именување Илија Димовски наредната недела да закаже седница.

Дали ова говори за разногласие во ВМРО ДПМНЕ, се прашува Локвенец кој смета дека  седницата ќе се одржи, зашто додава дека Димовски е човек од збор.

 Локвенец посочи дека СДСМ нема да прави „пазар“ за некаков закон за амнестија најавен од Мицкоски, за луѓето обвинети за 27-ми април.
– Минатото во Република Македонија нема да се повтори ако некој посакува. Со судии од тефтерчиња, притисок врз судството или казни и обвиненија по нарачка. Со барањето за Закон за амнестија практично Мицкоски признава дека тие се виновни. Јас бев во Собранието и не посакувам на никого, буквално на никого, да го доживее она што го доживеавме ние на 27-ми април. Таква бруталност и самоволие и обид за убиство врз луѓе кои ги претставуваат граѓаните. Мицкоски е под притисок веројатно на тие луѓе на кои им било ветувано многу што за да го направат тој чин, и наместо амнестија, Мицкоски треба да ги охрабрува да го кажат нарачателот и изумителот на нивното влегување во Собранието – вели Локвенец.

Тој е дециден дека Македонија во четврток ќе добие покана од НАТО за членство и таа ќе биде чиста и недвосмислена.

Слични содржини