Маркетинг, стартна позиција или реалност: Атина ги враќа тврдите позиции во игра

од Vladimir Zorba

Атина повторно ги актуализира тврдите позиции во однос на спорот со името. Грчкиот шеф на дипломатијата Никос Коѕиас по средбата со медијаторот Метју Нимиц во Њујорк, во брифинг за грчките новинари, порачал дека решението на спорот не се однесува само на името на државата, информира ТВ24.

„Името и употреба на името – двете прашања кои се во надлежност на господинот Нимиц да преговара, како и издадените зборови, јазик, државјанство, за кои од грчка страна во соработка со универзитетски професори се подготвува листа за нивна регистрација, а последно се кратенките“, изјави Никос Коѕиас – министер за надворешни прашања на Грција.

Сепак официјално детали од средбата со медијаторот Нимиц и министерот за надворешни работи на Грција нема.

Официјален коментар нема ниту од македонската влада за последната порака од јужниот сосед. Неофицијално висок владин функционер за ТВ 24 вели дека ваквите изјави од страна на официјална Атина се познати, но дека очекува дека тоа ќе биде само стартна позиција на Грција. Дека атмосферата е пријателска во двете земји и дека треба да се поправат грешките од минатото порача и премиерот во синоќешното обраќање пред генералното собрание на ОН. Заев ги потенцираше македонско – грчките односи.

„Во моментов двете земји имплементираат мерки на градење доверба. Ова е многу позитивен развој, имаме свеж инпут да го надминеме долготрајниот билатерален спор. Би рекол дека и двете страни направија одредени грешки во минатото, но главната цел сега е да го затвориме прашањето. Цврсто верувам дека треба да го фатиме моментумот, да разговараме искрено и да го разрешиме спорот. Ги цениме напорите на посредникот Метју Нимиц и верувам дека има начин да се надмине проблемот што го има Грција со нашето уставно име“, изјави премиерот Зоран Заев на Генералното собрание на ОН.

Со Нимиц се сретна и Заев, но како што вели и самиот на состанокот не се отвориле можни решенија околу името. Медијаторот бил присутен на состанокот на премиерот со генералниот секретар на ОН, Антонио Гутераш.

И меѓу претставниците на Македонија и Грција имаше директна средба, но и оттатму не излегоа детали кои би сведочеле за инсистирањето на Атина да се вратат во игра грчките позиции, што според познавачите од македонска страна би се вратила во игра двојната формула.

Интензивирање на преговорите се очекува по завршување на локалните избори, а пред само неколку месеци медијаторот го опипуваше пулсот и на Скопје и на Атина, додека пак Димитров и Коѕиас работеа на како што самите порачуваа на мерките од доверба и демантираа дека и при посетата на Димитров во Атина, и на Коѕиас во Скопје, станало збор за спорот со името.

Слични содржини