Мицевски: Со законот за „27 април“ ќе бидат опфатени сите осудени лица без исклучок

од Radmila Tasevska

Денес пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ во Собранието поднесе Предлог закон за амнестија на лицата осудени за настаните од 27 април 2017 година.

Како што појасни координаторот Мицевски, на пратеничката група на опозициската партија, овој закон е резултат на иницијативата и заедничката заложба на адвокатите Јанаки Митрески и Драган Пешевски и целата пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата.

-Многу важно е да се напомене дека е само продолжение на претходниот закон за амнестија кој што е донесен во декември 2018 година, но со една голема и суштинска исправка а тоа е надминување на селективноста и селективната правда која што произлегуваше од законот донесен во 2018 година, вели координаторот на ВМРО-ДПМНЕ, Мицевски.

Со овој закон, потенцираше тој, ќе бидат опфатени сите осудени лица за настаните од 27 април без исклучок.

Опозициските пратениците ги повикаа своите колеги од владејачкото мнозинство да го поддржат законот. Доколку не го сторат тоа, ќе покаже и докаже дека, како што рече Мицевски, „за нив селективноста е на прво место, а владеењето на правдата ги нема никаде“.

Мицевски исто така истакна дека дале поддршка на адвокатите двата процеси да одат паралелно односно да се чека одлуката од Врховниот суд по барањето за вонредно преиспитување на пресудата и носење на закон за амнестија.

Слични содржини