Милошоски: Државниот јавен обвинител може веднаш да оформи заеднички македонско-американски истражен тим за лицата од црната листа

од Nikola Popovski

Пратеникот и претседател на собраниската Комисија за надворешна политика, Антонио Милошоски се огласи по прозивките од СДСМ и Димитар Ковачевски. Екс-министерот смета дека „владата на ДУИ и СДСМ се плаши да ги искористи законските основи за меѓународна кривична соработка со САД и да отвори истраги против Рамиз Мерко, Катица Јанева и другите владини пријатели кои се дел од црната листа на официјален Вашингтон“.

-Македонија веќе има усвоено ЗАКОН ЗА МЕЃУНАРОДНА СОРАБОТКА ВО КРИВИЧНАТА МАТЕРИЈА(Собрание, едногласно усвоен на седницата одржана на 2 април 2021), потпишан од претседателот Пендаровски и објавен во Службен Весник.

Во овој закон предвидена е можноста домашен надлежен орган (мин.правда или јавното обвинителство) да испрати ЗАМОЛНИЦА за соработка во кривичната материја до надлежна институција на странска држава (чл.16).

Со ЗАМОЛНИЦАТА, која се доставува преку министерството за правда, од странската надлежна институција се бара достава на списи, информации и материјални докази за одредена предистрага, истрага или тековен судски предмет за физичко и/или правно лице.

Овој закон (чл.35) овозможува и формирање на заеднички истражни тимови за истражување и гонење на кривични дела, а договорот за заеднички истражен тим го склучува државниот обвинител на Македонија.

Во чл.39 од Законот за меѓународна кривична соработка дури е предвидено и секое истражно дејствие што го превземал надлежен орган на странската држава да биде изедначено со соодветно дејствие во кривичната постапка пред домашните институции, објави Милошоски.

Според него, Владата, министерот за правда и ЈО, доколу имаат политичка волја за сериозна борба против корупцијата, имаат важечки законски основ без одолговлекување веднаш да испратат замолница до надлежните органи на САД за достава на сите документи, списи, докази и информации за Рамиз Мерко, Катица Јанева, Стевчо Јакимовски и другите лица на “црната листа”.

-Државниот јавен обвинител може веднаш да оформи заеднички македонско-американски истражен тим и да поведе самостојна или заедничка истражна постапка и да оформи/ да процесуира кривично-правни предмети пред надлежните институции во Македонија.

Овој Закон добро е да се надгради и синхронизира со дополнителен закон за рестриктивни мерки, за што претставниците на стручната фела ценат дека е потребна квалитетна јавна расправа. Сметам дека Собранието треба да биде организатор и домаќин на една таква јавна расправа на која главниот збор ќе го имаат претставниците на судската фела, претставници на обвинителството, адвокати и професори по кривично право. На ваквата јавна расправа многу ќе користи и присуството на експерти за рестрикции и санкции од САД и ЕУ, за да имаме одржливо унапредување на позитивните норми во оваа регулирана област за меѓународна соработка во кривичната материја, побара Милошоски.

СДСМ бара од пратеникот и претседател на собраниска комисија да не го блокира Законот за рестриктивни мерки. Според партијата, Милошоски кој раководи со собраниската Комисија за надворешна политика, треба веднаш да го стави на дневен ред Законот за рестриктивните мерки и законот да биде усвоен.

-Нема компромиси во борбата против корупцијата и криминалот и не смее да има дополнителни одлагања. Секој чекор поблиску до ЕУ ќе значи позасилена борба против високата корупција и во иднина значително ќе влијае на намалувањето на ваквите случаи и ќе придонесе во обезбедувањето правичен правосуден систем, велат од партијата на власт.

На истото се надоврза и екс-премиерот Димитар Ковачевски.

-Очигледно тој (Милошоски) од некоја причина го блокира законот да не биде ставен на комисиска расправа и со тоа да не биде донесен. Доколку не планираат да го стават, тогаш ВМРО-ДПМНЕ треба да кажат од кои причини не сакаат законот да биде донесен во Собранието, додаде лидерот на СДСМ.

Ваквиот став на партијата на Димитар Ковачевски доаѓа откако Американскиот Стејт департмент вчера ги стави на „црната листа“ кандидатот за претстојните претседателски избори и градоначалник на Карпош, Стевче Јакимовски и поранешната специјална обвинителка, Катица Јанева.

Според соопштението на Стејт департментот, Јакимовски и Јанева се на листата поради „вмешаност во значителна корупција“ и дека со „нивните постапки го поткопувале владеењето на правото и вербата на јавноста во демократските институции и јавните постапки“.

Слични содржини