МОК: Руски и белоруски спортисти не можат да учествуваат на олимписката парада во Париз

„Одлуката дали на тие спортисти ќе им биде дозволено да учествуваат на церемонијата на затворање на 11 август ќе биде донесена подоцна“, се вели во соопштението.

од Бети Божиноска

На руските и белоруските спортисти нема да им биде дозволено да учествуваат на традиционалната парада на церемонијата на отворањето на Олимписките игри во Париз, соопшти Меѓународниот олимписки комитет (МОК).

На свеченото отворање на 26 јули, илјадници спортисти ќе пловат со чамци по Сена неколку километри кон Ајфеловата кула.

МОК соопшти дека спортистите од Русија и Белорусија, на кои им е дозволено да се натпреваруваат на Олимпијадата како неутрални спортисти, ќе имаат можност само да го „доживеат настанот“ – веројатно гледајќи ги настаните отстрана.

МОК воспостави процедура за проверка според која руските и белоруските спортисти ќе добијат неутрален статус со услови кои вклучуваат барања да не смеат јавно да ја поддржуваат воената операција во Украина ниту да бидат поврзани со војската или сп државните безбедносни агенции.

МОК соопшти дека очекува 36 неутрални спортисти со руски пасоши и 22 со белоруски пасоши да се квалификуваат за игрите во Париз.

„Одлуката дали на тие спортисти ќе им биде дозволено да учествуваат на церемонијата на затворање на 11 август ќе биде донесена подоцна“, се вели во соопштението.

Слични содржини