Молдавија тврди дека Москва незаконски печатела гласачки ливчиња во Транснистрија

Проевропските власти на Молдавија веќе го повикаа рускиот амбасадор за да вложат протест на одлуката за отворање шест избирачки места во проруската енклава, тврдејќи дека со овој потег бил прекршен договорот да се дозволи гласање само на едно избирачко место.

од Бети Божиноска

Висок молдавски функционер изјаво вчера дека Москва ги крши законите со печатење гласачки ливчиња во молдавскиот сепаратистички регион Транснистрија (Придњестровје) пред руските претседателски избори викендов, пренсесува „Еурактив“.

Проевропските власти на Молдавија веќе го повикаа рускиот амбасадор за да вложат протест на одлуката за отворање шест избирачки места во проруската енклава, тврдејќи дека со овој потег бил прекршен договорот да се дозволи гласање само на едно избирачко место во Руската амбасада во Кишињев.

Рускиот амбасадор ги отфрлил жалбите како неосновани, тврдејќи дека Русија едноставно им овозможува да гласаат на околу 250.000 руски државјани во Молдавија, од кои голем дел живеат во сепаратистичкиот регион.

„Овие гласачки ливчиња најверојатно биле испечатени тука, во Транснистрија, за да се избегне нивен трансфер преку граничните премини. Тешко е да се каже како би можеле да ги пренесат преку граница. Границите на Молдавија се под контрила и нема шанси тие легално да се внесат или да се изнесат од земјата,“ изјави молдавскиот вицепремиер Олег Серебријан пред состанокот на кабинетот.

Серебријан, кој е одговорен за „реинтеграцијата“ на регионот, вели дека печатењето на гласачките ливчиња во Транснистрија имало за цел да ѝ покаже на Молдавија дека регионот не ги почитува националните закони.

„Она што е важно овде е одржување на самиот изборен процес, а не дали гласачките ливчиња ќе се носат во или надвор од Русија“, посочи тој.

Кога Русија последен пат ги одржа парламентарните избори во 2021 година, руските власти отворија 24 избирачки места во Придњестровје без дозвола од молдавските власти.

Придњестровје се одвои од Молдавија додека Советскиот Сојуз се распаѓаше и ‘преживеа’ на источната граница на земјата со Украина повеќе од 30 години со минимум превирања. Регионот не е меѓународно признат и во голема мера зависи од руската помош. Во него се распоредени 1.500 руски „мировници“.

Русите викендов (15 до 17 март) ќе излезат на претседателските избори на кои актуелниот претседател Владимир Путин сигурно ќе доминира над тројцата противкандидати, од кои ниеден не го критикува.

Проевропската претседателка на Молдавија, Маја Санду, ја осуди инвазијата на Москва на Украина и го обвини Кремљ за заговор за нејзино соборување. Русија, пак, ја обвинува Санду за промовирање русофобија.

Тензиите меѓу властите и отцепениот регион се зголемија откако Молдавија воведе царини за стоките што влегуваат и излегуваат од Придњестровје, како дел од своите напори да се приклучи на Европската унија.

 

Слични содржини