Мукаетов: Поборник сум за слободно движење на производите, да не стојат камионите со денови на границите

од Vladimir Zorba

Генералниот директор и претседател на Управниот одбор на „Алкалоид“ АД Скопје, Живко Мукаетов, во интервју за емисијата „Стадион“ на Радио Канал 77 зборува за инцијативата „Отворен Балкан“, за предизвиците за водење на бизнис во земјава и надвор, што им недостига на македонските бизнисмени…

Во однос на иницијативата Отворен Балкан Мукаетов вели дека е поборник за слободно движење на луѓето, за слободно движење на производите, на услугите; да не стојат камионите со саати, со денови на границите.

„Ние сите како поединечни пазари сме толку мали и минорни од аспект на светските економски текови и доколку не најдеме едно хармонизирано функционирање, мислам дека само ќе стоиме во место. А доколку, сепак, тука се користат оној ЦЕФТА-договор и други поволности, доколку може да има проток, особен на работна сила, затоа што е очигледно дека добар дел од младите луѓе си одат во Германија, во Швајцарија, во некои други земји, многу е битно да може тој проток да го имаме тука за да може да учиме едни од други и за да може да напредуваме, затоа што таа размена на знаења и на искуства е многу важна“, вели Мукаетов.

Како лидер на една од ретките компании која има аквизиции надвор од Македонија, во регионот, во Европа и пошироко, на прашањето каков совет би им поделил на бизнисмените во земјава Мукаетов смета дека е многу важно бизнисмените прво да веруваат во себе, во својот менаџерски тим и во она што го носи компанијата што ја водат.

“Јас не би сакал тука да им делам памет на други, но повторно доаѓаме до хендикепот на мал домашен пазар и доколку не се одлучиме да направиме чекори надвор од нашиот пазар, па дури и надвор од регионот, тогаш сме ограничени на одредени маргини до кои можеме да дојдеме. Ако веќе инвестираме во своите луѓе, да бидат поедуцирани и да имаат добри вештини, инвестираме во технологија и во еколошки зелени стандарди, тогаш сме во можност нашата конкурентност да ја провериме на пазарите каде што е навистина жестока борбата и доколку ние сме конкурентни и таму, тогаш сигурно е дека и во регионот може многу полесно да функционираме. Јас мислам дека мора да се проба за да види секоја компанија до каде и е колку може да се носи со предизвиците на интернационалната конкуренција. Но, нормално, тоа треба да оди чекор по чекор, значи прво дома, потоа во регионот, па на крај пошироко.

На прашањето како да се промени трендот на заминување на квалитетниот кадар од земјава, Муакетов вели, дека нам ни требаат нови генерации со нови вештини кои ќе може да ги пратат новите технолошки текови.

„Прво, образовниот систем, дефинитивно, мора да се приспособи на потребите на реалниот сектор, затоа што е многу голем предизвик кога ќе дојде некој со одредено образование. Ви треба многу долго време за да може еден поединец да влезе во системот и да придонесува за тој систем. Врзано со тоа, ние на разни фронтови пробуваме да направиме нешто. Па така, еве, заедно со Средното медицинско училиште го формиравме првиот клас за дуално образование. Заедно со неколку факултети имаме Програма за практиканство, каде што стотина студенти од трета и од четврта година доаѓаат на пракса во „Алкалоид“, работат со ментори, а потоа, кога ќе го завршат факултетот, продолжуваат со работа во нашата компанија. Ако мене ме прашате за Македонија во моментот, апсолутно, најголем предизвик се човечките ресурси и наш основен императив е градењето компанија на задоволни, посветени и на мотивирани луѓе, вели Мукаетов.

Слични содржини