Нема да има втора шанса – местото на Македонците е во срцето на ЕУ, вели Рот за уставните измени

од Nikola Popovski

Германскиот пратеник и претседател на Комисијата за надворешна политика во Бундестагот, Михаел Рот смета дека сега е вистинското време за да се случат уставните измени и Македонија да го продолжи европскиот пат.

Тој во интервју за ТВ 21 вели дека местото на Македонците е во срцето на ЕУ.

-Доколку сега не сме храбри, тогаш нема да има втора шанса и не сакам да зборувам за тоа што можеме да ѝ понудиме на земјата наместо членството во ЕУ. Потребно е да се изгласаат уставните измени за да се забрзаат пристапните преговори кон ЕУ, нагласил Рот.

Тој потенцирал дека го разбира разочарувањето на луѓето во земјава.

-Сакам луѓето да може да се вратат, да кажат: да, ова е мојата татковина и тука сакам да имам семејство, тука сакам да имам егзистенција, но тоа ќе е можно кога ќе сте цврсто усидрени во ЕУ. Во тоа сум цврсто убеден. Европската Унија е заедница на културна и јазична разноликост. И ниедна земја-членка на ЕУ не може да го порекнува тоа. Оваа почит им ја должиме и на Македонците, додава Рот во своето интервју.

Слични содржини