Од Град Скопје предвидени 2.500.000 денари: „Дали Зоолошка однапред било планирано да стане кланица?“, прашува Шилегов

од Vladimir Zorba

„Во буџетот на Град Скопје за 2021 година, беа предвидени и исплатени околу 5-7.000.000 денари за функционирањето на Зоолошка. Тоа се средства кои се исплаќаат за да може Зоолошка нормално да функционира и нормално да се врши набавка на храна за животните. Во буџетот за 2022 за Зоолошка се предвидени 2.500.000 денари … Дали за Зоолошка однапред било планирано да стане кланица?“, прашува поранешниот градоначалник на Скопје, Петре Шилегов.

Инаку, вчера во 18 часот, полицијата приведе пет лица, и тоа Д.М.(25), А.М.(43), М.Х.(45), В.Г.(46), вработени во Зоолошката градина во Скопје и З.Р.(44), надворешен соработник.

При извршена обиколка на Зоолошката градина, по претходно добиени сознанија, тие биле затекнати во помошните простории на Зоолошката градина (кујна за подготвување храна за животните) како подготвуваат храна од коњи (12 коњи и една мазга) кои ги колат на лице место за месото да го употребат како храна за дивите животни во Зоолошката градина.

– Лицата се приведени во полициска станица, каде дополнително бил повикан и К.С.(35), директор на Зоолошката градина, со кого бил извршен службен разговор. На лице место излегле и инспектори од Агенцијата за храна и ветерина, кои констатирале неправилности во постапката и го одзеле месото. Од страна на СВР Скопје против сите шест лица ќе биде поднесена кривична пријава до ОЈО Скопје, соопштија од МВР.

За сторените прекршоци, против Зоолошката градина на Град Скопје и одговорното лице, Агенцијата за храна и ветеринарство ќе изрече соодветни казни согласно Законот за ветеринарно јавно здравство, Законот за безбедност на храна, Законот за заштита и благосостојба на животните и Законот за идентификација и регистрација на животните.

Слични содржини