Од коронавирус во САД починаа над 40.000 луѓе

од Vladimir Zorba

Бројот на починати од коронавирус се искачи на повеќе од 40.000 во САД во неделата, што е највисоко во светот и скоро двојно повеќе од Италија, што е втора најпогодена земја, пренесува Ројтерс.

По првата пријавена смрт на 29 февруари, Соединетите држави достигнаа бројка од 10.000 мртви за 39 дена, на 6 април и уште 20.000 во следните пет дена. За четири дена, бројот на загинати се искачи од 30 на 40 илјади, откако се додадени смртни случаи кои не се тестирани и кои најверојатно настапиле од КОВИД-19, пријавени во Њујорк.

САД несомнено имаат најголем број случаи на заразени со коронавирус во светот, со повеќе од 744.000. Во саботата се појавија 29.000 нови случаи, што е најниско зголемување во последниве три дена.

Повеќе од 22 милиони Американци аплицираа за бенефиции за невработеност минатиот месец, додека затворањето на деловните активности и на училиштата, како и сериозните забрани за патувања ја погодија економијата.

Гувернерите на сојузните држави, најпогодени од коронавирусот, не се согласуваат со Доналд Трамп околу неговите изјави дека имаат доволно тестови и дека треба брзо да ги отворат своите економии, додека во тек се нови протести поради продолжување на карантинот.

Мериленд, Вирџинија и Вашингтон Д.Ц. сè уште се справуваат со зголемување на бројот на заразни случаи. Њу Џерси во неделата извести дека бројот на случаи се зголемил за скоро 3.900, што е најголем во последните две недели. Бостон и Чикаго се исто така нови фокуси на инфекција со неодамнешниот пораст на заразени и смртни случаи.

Неколку држави, вклучително и Охајо, Тексас и Флорида, соопштија дека имаат намера повторно да рестартираат делови од својата економија, можеби од 1 мај или дури и порано, но сè уште се во состојба на претпазливост.

Слични содржини