Оштетени штедачи: Банките се до тој степен „разгалени”, што се однесуваат како мало дете кога ќе го загуби лижавчето

од Vladimir Zorba

„Чудни се патиштата на банкарското влијание. Кога мислиш дека јавноста конечно ја разбра играта преку објавување на огромните банкарски профити, вклучително и во ковид кризата, тие секогаш изнаоѓаат начини да се себеоправдаат и товарот да го префрлат на граѓаните. Веќе пишувавме за тоа, но изгледа по кој знае кој пат треба да се повтори, додека тие (банките) остваруваат огромен профит, сметката ја плаќаат граѓаните – нивните депоненти. Кој не би сакал така да живее, позната е народната поговорка „по туѓ грб и сто стапа се малку”. Очигледно, банките се до тој степен „разгалени” во нашава држава, што се однесуваат како мало дете кога ќе го загуби лижавчето. Веднаш почнуваат да плачат, но за разлика од децата, нивното плачење има форма на закана и уцена. Заканата и уцената по дефиниција предизвикуваат реакција, која може да заврши дури и со физичка пресметка. Затоа, секој во својата област на работење треба да има одговорност за она што го работи. Секое неодговорно однесување во било која сфера, економска, банкарска или политичка, може да предизвика силна реакција што ќе го загрози, првенствено тој што неодговорно се однесува, но, во исто време, може да предизвика потреси во државата од кои некој може да колабира, зависи каков удар ќе добие. Во изминативе неколку денови токму таков пример беше банкарскиот систем и однесувањето на домашните банки“, соопштуваат од Здружението на оштетени штедачи на „Еуростандард банка“.

„Имено, впечаток на Здружението „Правда за штедачи” е дека во целата ситуација што се создаде со Одлуката на Уставниот суд од 25 мај, банките се однесуваат крајно неодговорно, бидејќи на првиот сигнал што ним не им се допадна (Одлуката на Уставниот суд), тие, уште истиот ден, реагираа и најавија можност за зголемување на каматните стапки. Оттука се гледа колку е низок моралот и бесчувствителноста на банките. И поради тоа, оправдано, неколку дена беа „бомбардирани” со податоци за висината на нивните профити, кои, во споредба со оние во Европската унија, се движат до трипати повеќе според каматните разлики што во моментот се во сила во банкарскиот систем. Споредбените податоци за „профитерството” на нашите банки се јавно познати и толку очигледни, што регулаторот, Народната Банка, мораше преку јавно соопштение да ги замолкне „забревтаните” промотори на банкарскиот лоби и да соопшти дека Одлуката на Уставниот суд за укинување на член 163 став 3 од Законот за банки не треба да се поврзува со стабилноста на банкарскиот профит, пардон, систем. Но, изгледа дека тоа не е доволно, и затоа, по јавното објавување на финансискиот извештај од Фондот за осигурување на депозити, повторно започнаа со старата приказна, дека загрозена била стабилноста на Фондот и затоа, банките ќе требало да ги качуваат каматните стапки.

Интересно во оваа приказна е што банкарското лоби е без граници, бидејќи сега, на досегашните „експерти” кои излегоа со небулозни изјави, им се придружи и една поранешна Министерка за финансии во последната техничка влада. Како поинаку да се толкува изјавата дадена од Гордана Димитриевска-Кочоска на 4 јуни. Имено, таа изнесе ноторна невистина дека Фондот сега имал помалку средства од тоа што законски морал да го има. Да потсетиме, Фондот за осигурување на депозити законски мора да има минимум 4 отсто од сите депозити во банките и штедилниците, додека тој сега има 4,9 отсто. Прашањето за Кочоска е што е поголемо, 4 или 4,9 отсто? Според која математика Фондот сега имал помалку средства од тоа што законски морал да го има? Зошто решение на состојбата гледа во зголемување на каматните стапки од страна на банките? Зарем банките треба да бидат предмет на сожалување и покрај нивните енормно високи профити? Знае ли таа колкава е со закон пропишаната максималната обврска што банките треба да ја плаќаат, и колку, со одлука на Управниот одбор на Фондот, сега плаќаат како годишна премија? Знае ли дека Фондот за осигурување на депозити засега не планира зголемување на премијата што ја плаќаат банките? Знае ли Кочоска, согласно членовите 5 до 8а од Законот за Фондот за осигурување на депозити, на кој начин се финансира Фондот?

Затоа, пораката што ја упатува Здружението на оштетени штедачи „Правда за штедачи”до сите, не само банкарски, туку и политички фактори, е да го почитуваат Уставот, и да имаат на ум дека согласно член 2 од тој Устав „суверенитетот произлегува од граѓаните и им припаѓа на граѓаните”. Не знаеме за Устав во кој пишува дека „суверенитетот произлегува од банките и им припаѓа на банките”.

Во насока на заштита на правата на граѓаните, Здружението „Правда за штедачи” ќе оствари средба со Претседателот Стево Пендаровски утре, 8 јуни, во 12 часот. Потсетуваме, неодамна Претседателот Пендаровски демонстрираше како успешно се штити интересот на граѓаните преку непотпишување на предложениот закон за легализација на дивоградбите. За повеќе детали околу средбата, Здружението ќе излезе со соопштение за јавноста после остварената средба“,се додава во соопштението.

Слични содржини