Оштетени штедачи: Уставниот Суд без притисоци да ја продолжи и да ја заврши постапката

од Берта Китинска

„На седницата одржана на 21 април, Уставниот Суд одлучи да поведе постапка за оценување на уставноста на член 163 став 3 од Законот за банки. Веројатно тоа е причина што за момент стивнаа лобистите кои се обидуваа да „аргументираат” односно полемизираат сами со себе дека се работи за уставна одредба, а притоа комплетно игнорирајќи ги аргументите кои досега ние ги изнесовме. Но, затоа „борбата” ја продолжија на друго поле – економското. Уште истата вечер, на 21 април, на ТВ Телма дебатираа експерти кои се обидоа на проблемот да му пријдат од економски аспект. Особено, еден од експертите се обиде да ја оправда сегашната одредба од Законот за банки преку неколку поенти, од коишто речиси сите не само што не се одржливи, туку се небулози кои можат да се категоризираат како лажни вести“, соопштуваат од Здружението на Оштетени штедачи на Еуростандард банка.

„Имено, овој експерт, како особено опасна лажна вест го изнесе ставот дека со укинување на член 163 став 3 од Законот за банки ќе се загрозеле сите депоненти со депозити во банките до 30.000 евра. И доколку била укината оваа одредба, Фондот за осигурување на депозити немало да исплаќа до 30.000 евра депозит на секое физичко лице. Или, тој смета дека, и депонентите до 30.000 евра и тие над тој износ ќе биле рамноправни и надоместот ќе го барале во стечајот или ликвидацијата. Прво, тоа е апсолутна невистина и класична лажна вест. Членот за којшто Уставниот Суд поведе постапка се однесува на спроведување на стечајна постапка за банка во однос на редослед на наплата и тој нема никаква врска со надоместот што Фондот го исплаќа до 30.000 евра во случај на ризичен настан (стечај или ликвидација на банка). Второ, класична лажна вест е дека со укинување на овој член од Законот за банки ќе се загрозела стабилноста на финансискиот или банкарскиот систем. Фондот за осигурување на депозити не се грижи за стабилноста на економскиот и банкарскиот систем, ниту пак тоа му е работа на Уставниот Суд. Според информациите на Здружението, Фондот за осигурување на депозити има доволно средства, толку многу што дури и ја намалил премијата што ја плаќаат банките на годишно ниво од 0,7 отсто на 0,25 отсто.

Што се однесува до банкарскиот систем, истиот тој ден Народна банка, како и вообичаено, излезе со изјава дека системот е стабилен и сигурен, дека депозитите растат и состојбата од месец во месец, на ова поле, се подобрува. Финансискиот систем, повторно според уверувањето од Министерството за финансии и од Владата, е стабилен, дури и не само стабилен, туку и постојано се забележува раст на економијата и на бруто домашниот производ. Во услови на вакви информации од официјалната монетарна и фискална власт, се прашуваме каде нивните експерти гледаат некаква нестабилност преку одлуката на Уставниот Суд. Нели Еуростандард банка беше речиси „безначајна банка” чиешто пропаѓање не може да предизвика поголем потрес во банкарскиот сектор?

Имајќи го во предвид погоре наведеното, јасно е дека излагањето на експертот е неиздржано. Или официјалните власти не ја кажуваат вистината или пак истото го прави претходно наведениот експерт. Затоа, им советуваме да се договорат, постои или не постои опасност од дестабилизација на финансискиот и банкарскиот систем.

Почитувани, договорете се бидејќи вака како што настапувате, правите таков хаос, што од него навистина ќе произлезе нестабилност, но не поради иницијативата пред Уставниот Суд, туку поради вашите „наменски” изјави, еднаш кога популистички сакате да покажете пред граѓаните дека се е „стабилно и сигурно” и „под контрола”, и втор пат кога сакате да влијаете на Уставниот Суд па го велите спротивното односно дека постои опасност од дестабилизација на финансискиот и банкарскиот систем. Провидно, но, истовремено и опасно. Затоа, повторно Ве повикуваме, оставете го Уставниот Суд без притисоци да ја продолжи и да ја заврши постапката. Тука не се потребни притисоци, ниту преку банкарско-економско-финансиски „експерти” ниту преку поранешни уставни судии. Нашиот одговор на вашите притисоци не може да биде поинаков освен да порачаме уставните судии да си ја завршат својата работа според Устав и закон.

Додека, до вас пораката ја повторуваме – изберете место, датум, време и медиум и повелете на дебата во живо. Со сите ваши „експерти” пред целата јавност. Така сме ние научени да се бориме за нашите права“, истакнуваат оттаму.

Слични содржини