Палмер: Осумдесетте гласа за поддршка на Договорот од Преспа го отвораат патот за европска иднина

од desk4

Осумдесетте гласа за поддршка на Договорот од Преспа во Собранието претставуваат историска пресвртница и го отвораат патот за европска иднина за Македонија и македонскиот народ, изјави денеска заменик-помошникот државен секретар за европски прашања на САД, Метју Палмер ма прес-конференцијата со премиерот Зоран Заев.

– Како што се движите на патот кон европската и евроатланската интеграција, кон членството во НАТО, кон отворањето на преговорите за членство во ЕУ и членството во ЕУ, Македонија, македонските лидери, македонскиот народ може да сметаат на поддршката на САД. На средбата со Заев разговарале за Преспанскиот договот, за неговата имплементација, за процесот на интеграција на земјата во НАТО и ЕУ, како и за можностите за натамошна соработка меѓу Македонија и САД, рече Палмер.

Ова е втора посета на Палмер на земјава оваа година. Заменик-помошникот државен секретар за европски прашања на САД, последен пат на средби со македонскиот државен врв беше во август годинава. 

Заев посочи дека средбата со Палмер доаѓа во исклучително важен момент на Македонија и само неколку дена по големиот исчекор кон иднината направен во Собранието.

– Се согласивме дека одлуката на пратениците има историско значење. Таа одлука на пратениците и од позицијата и опозицијата уште еднаш ја потврдија евроатлантската определба за иднината на нашата земја. Пратениците и демократските сили во земјата храбро преземаа одговорност и испишаа историја, рече Заев.

Посочи дека сите сојузници ја поздравиле покажаната државничка одговорност на пратениците.

– Одлуката на пратениците е и поттик да ја отвориме следната страница на убавата историја на нашата земја. Да почнеме да ги испишуваме идните настани со политичко помирување, простување и обединување. Тоа ни е потребно како никогаш досега, рече Заев.

Слични содржини