Парацетамолот влијае на психата на пациентот

од Vladimir Zorba

Повеќето лекови против болки како ибупрофен, аспирин или парацетамол може да се добијат без рецепт во Германија. Парацетамол од 500 mg и повеќе може да се набави само со рецепт. Сепак, препорачаната дневна доза од 4000 mg може лесно да се постигне со земање на поголема количина таблети со помали дози за кои не е потребен рецепт.

Оштетување на црниот дроб

Но, многумина кои сами консумираат високи дози на парацетамол не се свесни за можните несакани ефекти и последици. Во многу домови, парацетамол може да се најде во домашните аптеки. Освен против болки, овој лек делува и со намалување на температурата и затоа често се дава на деца.

Но, парацетамолот во никој случај не е безопасен, вели Герхард Милер-Швефе од Гепингенскиот центар за палијативна медицина.

„Парацетамолот може да го оштети црниот дроб, што е особено опасно кај децата на кои им е лесно да ја надминат дозволената дневна доза“, вели овој доктор. Посочува дека предозирањето може многу брзо да доведе до откажување на црниот дроб.

„Црниот дроб е зафатен бидејќи од телото не може да се излачат штетни материи, што предизвикува имунолошка реакција. Ова води до воспаление на црниот дроб и колку повеќе клетки во црниот дроб се уништуваат преку овој процес, толку е подраматична ситуацијата“, вели Милер-Швефе.

Многумина, откако првата таблета парацетамол нема да покаже ефект, земаат друга, а потоа друга, надевајќи се дека поголема количина ќе помогне. И ова брзо може да доведе до стрес и откажување на црниот дроб.

Опасност од зависност

Парацетамолот, исто така, може да предизвика зависност со текот на времето. „Долго време не беше познато дека парацетамолот делува во централниот нервен систем, односно мозокот и ‘рбетниот мозок, каде што лекот влијае на системот одговорен за контрола на болката“, вели Милер-Швефе.

Во исто време, нашето тело има свои лекови против болки. Еден од нив е ендорфинот, донекаде сличен на морфинот, кој телото го произведува само и кој може да ја потисне болката во време на криза. Парацетамолот делува така што ги „блокира“ рецепторите за болка и на тој начин го намалува чувството на болка.

Сепак, постојат несакани ефекти кои многумина не ги ни забележуваат на почетокот.

„Способноста за промена на расположението се намалува. Тоа значи дека засегнатите не реагираат ниту позитивно ниту негативно на ситуациите“, вели Милер-Швефе, додавајќи: „Погодените луѓе се емоционално целосно изолирани“. Но, се менуваат и некои други карактеристики: се зголемува подготвеноста за преземање ризици, за побрзо донесување одлуки.

Ова има еволутивни корени: „Кога вашиот живот е во опасност и треба да побегнете, силната болка може да ве спречи. И во ситуации како оваа, немате време да размислувате дали треба да одите лево или десно, но треба да донесувате брзи одлуки“, вели овој специјалист за болка.

Студии за парацетамол

За да се продлабочи знаењето за непознатите ефекти на парацетамолот, во последните години беа спроведени бројни студии, една од нив во 2020 година на Државниот универзитет во Охајо, која исто така заклучи дека парацетамолот може да делува на човечката свест и да ги промени карактерните црти.

Групата учесници во студијата кои редовно консумирале парацетамол се однесувале многу поризично и похрабро, но во исто време и со многу помала емпатија со нечувствителни и остри реакции на сметка на другите.

„Има луѓе кои земаат парацетамол не само за болка, туку и за да се изолираат, да избегнат емоционален стрес, и позитивен и негативен. За некои, ова може да биде мотивација да го земаат овој лек редовно“, вели Милер-Швефе.

Постојат алтернативи за лекови против болки

Овој искусен терапевт, кој е специјализиран за намалување на болката кај тешки пациенти, верува дека има доволно алтернативни начини да се потисне одредена болка. Така, главоболките често може да се ублажат со обука за насочена концентрација. Со оваа обука пациентот може да го најде одговорот на прашањето зошто воопшто го боли глава и со тоа поуспешно да се бори со болката.

„Самото земање на лекови против болки или дури и превентивно, пред спортување, е целосна глупост“, заклучува д-р Милер-Швефе.

Слични содржини