Пендаровски: Нема да го потпишам Законот за игри на среќа, доколку се злоупотребува европското знаменце

од Nikola Popovski

Во интервју за емисијата „360 степени” на МРТ 1, претседателот Пендаровски даде коментар за Законот за игри на среќа истакнувајќи дека деновиве до него доаѓаат информации дека наводно во парламентарна процедура е овој закон повторно со европско знаменце.

„Не можам да верувам дека навистина до крај тоа ќе се случи, дека со европско знаменце вие би форсирале закон за кој е јасно уште отсега дека не постои јасна европска директива наспроти сите оние критики кои ги имавме и од САД кои не се членка на Европската Унија, а не пак само од евроамбасадорот тука во Скопје”, истакна претседателот Пендаровски.

Тој додаде дека се надева дека Владата и покрај лавината од критики нема да ги турка законите кои нема потреба да бидат туркани со европско знаменце, затоа што според него, треба да има поширока општествена дебата бидејќи многу судбини, кариери, опстанокот на многу наши граѓани е засегнат со конкретниот закон и со некои други закони кои поминуваат во забрзана процедура.

Пратениците од опозицијата вчера на Комисијата за европски прашања реагираа дека со ставањето на овој Предлог-закон на дневен ред се злоупотребува европското знаменце и оти нема никаква поврзаност со регулативата на Европската унија туку дека целта е парите од коцкањето да завршат кај фирми блиски до ДУИ.

Според предлогот, се забранува да има автомат клуб, спортска обложувалница или друг објект за организирање игри на среќа на 500 метри од училиштата.

Слични содржини