Пленковиќ го смени министерот за одбрана кој учествуваше во тешка сообраќајка со смртни последици

од Nikola Popovski

Премиерот на Хрватска, Андреј Пленковиќ денеска го разрешил министерот за одбрана, Марио Баножиќ кој учествувал во тешка сообраќајна несреќа во својата земја.

„Ги слушнавме околностите на несреќата и изразивме жалење и загриженост за состојбата на министерот кој е хоспитализиран со тешки повреди“, додал Пленковиќ, пренесува „Н1“.

„Во овие вонредни околности, го разрешив министерот Баножиќ од должноста министер за одбрана и го овластив Здравко Јакоп да ги врши сите должности како државен секретар“, рекол тој.

„Баножиќ го возел својот автомобил, бил без обезбедување и во моментот не вршел никаква службена работа, изјавил Пленковиќ.

Хрватскиот премиер порачал дека ќе најдат начин да му помогнат на семејството, чиј член денеска загина во сообраќајката.

Да потсетиме, во утринските часови се случила сообраќајна несреќа на патот ДЦ-55 на излезот од Винковци, во која учествувал министерот за одбрана. Во сообраќајната несреќа загинал возачот на комбето, додека Баножиќ е тешко повреден. Загинатиот е 40-годишен маж од Привлака, татко на две деца.

Според хрватските медиуми, Баножиќ бил сам во своето возело, одел на лов и во моментот на несреќата носел ловечки елек.

Од болницата во Осијек било пријавено дека Баножиќ е на одделението за интензивна нега, дека има повреди на мозокот, градниот кош и екстремитетите и дека неговиот живот не е во опасност.

Слични содржини