Почна судењето против членот на Левица кој го навредуваше Заев на 11 октомври во Прилеп

од Nikola Popovski

Денес во прилепскиот Основен суд започна судењето против членот на Левица, Иван Јованоски , кој при одбележувањето на 11 октомври на Могилата на непобедените, е обвинет за нарушување на јавен ред и мир и за навреда на поранешниот премиер Зоран Заев.

Од неговата матична партија информираат дека се работи за уште еден политички монтиран случај против неистомислениците на власта.

-Како подносител на барањето за поведување прекршочна постапка се јавува извесен полициски службеник Златко Николоски, кој не е оштетена странка во конкретниот случај. Бидејќи Иван Јованоски се гони поради „омаловажување или навредување службено лице на државен орган или друга институција која врши јавни овластувања во вршење на службата”, а како подносител на барањето за поведување постапка не се јавува поранешниот премиер, одбраната побара и судијката одобри на наредното рочиште како сведок да се јави лицето Зоран Заев, појаснуваат од Левица.

Од таму додаваат дека на денешното рочиште Јованоски, целосно ја отфрлил вината за овој случај и потенцирал дека зборовите во Записникот не се совпаѓаат со искажаното на конкретниот настан.

-Тој повтори дека поранешниот премиер, како наводна оштетена странка, не се јавува како подносител на Барањето за поведување прекршочна постапка и истиот малициозно ги користи органите на прогонот за чист политички реваншизам, соопштија од Левица и додаваат дека е прифатено барањето на одбраната Заев да се јави како сведок.

Членови и активисти на Левица на празникот 11-ти Октомври застанаа пред спомен меморијалниот комплекс „Могилата на непобедените“, кога владината делегација положи цвеќе во чест на загинатите, на одбележувањето на 80-годишнината од Денот на востанието.

„Зоки немаш лице да се појавиш овде. Му се посра на сите што се овде загинати. Треба да си славите уште еден празник таму во Бугарија, не овде“, рече Јованоски додека тогашниот премиер Заев се поклонуваше пред споменикот.

Во целата непријатна конверзација, се вклучи и уште едно лице, кое му рече на членот на Левица: „Влада на Република Македонија е ова, како не ти е срам?“.

Сепак, за среќа не дојде до поголем инцидент. Заев си замина од местото на споменикот, а активистите на Левица останаа да го „окупираат“ просторот.

Слични содржини