Подготовки за следната пандемија

од Stefanija Kuzmanovska

Кога заразна болест достигне ниво на пандемија, можноста да се изградат испробани и сигурни системи е оддамна помината. Сите нови структури спроведени во овој момент се „ад хок“, но не значи дека се нужно неефикасни, пишува „Алџезира Балканс“.

Идните пандемии треба да бидат предвидени бидејќи луѓето продолжуваат да имаат негативно влијание врз биолошката разновидност, а глобалното движење на луѓе и стоки се забрзува. Но, во годините измеѓу пандемии, имаме можност да изградиме системи, структури и врски за да се соочиме со следната пандемија со мерка на подготвеност.

Изградба на меѓусекторска соработка

Гледано на глобално ниво во реално време, подготвеноста и одговорот на пандемијата бараат пристап кој ја вклучува целата влада, целото општество, затоа што не е засегнат само здравствениот сектор, туку и економскиот, образовниот и социјалниот, меѓу другите.

Светската здравствена организација ги охрабруваше земјите да се погрижат да ги исполнат минималните стандарди за подготвеност за пандемија долго пред оваа пандемија. Како на крај беа исполнети овие препораки, зависеше од приоритетите и политичките одлуки на регионално и национално ниво.

Изградба на здравствени системи

Во времето измеѓу пандемии, треба да постои итно насочување на изградба на здравствени системи кои можат да се справат и да ги ублажат епидемиите на заразни болести, додека ги одржуваат нивните клучни функции.

Овој облик на политика е во согласност со рамката на отпорност за која опширно се дискутираше по епидемијата на ебола во западна Африка, каде локалните здравствени системи не беа подготвени за епидемијата.

Градежниот материјал на отпорните здравствени системи вклучува добро обучени здравствени работници, набавка на потребна опрема и инфраструктура во постојните здравствени установи, што ќе им овозможи да лекуваат заразени пациенти; и соодветно снабдување со медицински материјали, вклучувајќи заштитна опрема и соодветно надоместување за здравствениот персонал.

Изградба на доверба

Исто така, треба да се признае дека не сите држави имаат капацитет или финансии за изградба на отпорни здравствени сектори. Затоа треба да се развие меѓународен механизам за да им помогне на таквите нации.

Во интерес на целата меѓународна заедница е да има подготвени здравствени системи ширум светот, бидејќи болестите не познаваат граници.

Изградбата на доверба е важен елемент кога станува збор за пандемијата. Студиите за епидемијата на ебола покажуваат дека следењето на пораките од јавното здравство било ниско кога довербата во владата или официјалните структури било ниско.

Затоа политичките лидери треба да се насочат кон креирање на доверба кај јавноста. Во контекст на пандемијата на коронавирусот, некои шефови на држави се чини дека го разбраа тоа, додека други не.

Слични содржини