Пригожин упати језиви закани до Макрон: „Можеме со клешти да ги отстраниме тие скапани заби“

од Stefanija Kuzmanovska

Основачот на „Вагнер“, Евгениј Пригожин не го криеше гневот од одлуката на францускиот парламент кој неговата група платеници ја прогласи за терористичка организација. Тој испрати директна закана до францускиот претседател Емануел Макрон, пишува „Политико“.

На прашањето на руските новинари, Пригожин рече дека „Вагнер“ ги спасува луѓето во Централна Африка од француски војници, кои „едноставно ги исмевале“. Вагнеровците стекнале силни упоришта во Централна Африка и на тој начин го потиснале француското присуство во тој регион.

„Тие не се само платеници“

„Можеме со клешти да ги отстраниме скапаните заби од тие злобни усти. Можеме да му ги извадиме забите на Макрон и општо на секој кој истура патогена нечистотија за Вагнер“, рече Пригожин.

Во вторникот француските пратеници ја повикаа Европската унија да го означи „Вагнер“ како терористичка група и да користи повеќе правни средства за да ја блокира финансиската активност на „Вагнер“ во Европа.

ЕУ воведе санкции за Пригожин во април минатата година.

„Тие не се само платеници, постои волја да се масакрираат цивили за политичка корист, да се дестабилизираат институциите“, рече Бенџамин Хадад, пратеник од партијата на Макрон, пред гласањето во вторникот.

Платениците на „Вагнер“ презедоа активна улога во целосната инвазија на Кремљ на Украина и покрај тековниот јавен политички конфликт меѓу Пригожин и руските претставници на одбраната. Паравоената група е во голема мера вклучена во битката за Бахмут, град во источна Украина, кој беше сцена на жестоки борби во последните месеци.

Слични содржини