Резултатите од пописот да не служат за будење на национализмот, велат од НСДП

од Берта Китинска

По цели две децении безуспешни обиди за спроведување на најзначајната и најобемната статистичка операција во една држава, конечно имаме политичка гарнитура која демонстрираше искрена волја и капацитет да ја реализира пописната операција. Наместо честитки за успешно спроведениот попис, политичките партии на кои национализмот им е единствената перспектива на проектирање на иднината на државата, започнаа операција на „пребројување“ по етничка основа, велат од НСДП.

Оттаму сметаат дека за ниту една политичка партија, во држава која е членка на НАТО и пред портите на ЕУ, треба да бидат неприфатливи „пребројувања“ кои ќе бидат ставени во функција на зголемување на меѓуетнички тензии.

„Имајќи предвид дека пописот се спроведе согласно највисоките европски стандарди, а и под непосреден мониторинг на експерти ангажирани од ЕУ, НСДП е на ставот дека сите одговорни политички субјекти во државата, резултатите од пописот треба да ги прифатат како статистички показатели за реалните трендови и тие да бидат основа во креирањето на програмски определби за тоа во кои насоки државата треба да го проектира својот развој“, велат од партијата.

Оттаму додаваат дека демографските движења во и вон државата, нерамномерниот економски развој, човечкиот потенцијал со кои се располага , работната сила, нејзината квалификуваност, се дел од темите и прашања кои имаат легитимитет за јавна дебата помеѓу политичките партии во периодот кој следува непосредно по завршениот попис.

„Етнички оптоварените ‘пребројувања’ не водат кон одговорни политики кои на граѓаните ќе им понудат конкретни и реални правци на развој на државата, кои ќе значат благосостојба и просперитет“, се наведува во реакцијата на НСДП.

Слични содржини