Руска амбасада: Османи во Украина шпекулираше за „жртви на руската агресија“

од Nikola Popovski

Руската амбасада во Македонија реагираше на изјавите на шефот на македонската дипломатија и претседавач со ОБСЕ, Бујар Османи.

-Претседавачот со ОБСЕ Бујар Османи вчера во Украина шпекулираше за „жртви на руската агресија“, прифаќајќи ја пропагандата на режимот во Киев. Но, кога пристигна во Киев, војниците на Зеленски ги гранатираа Доњецк и Макеевка (во ДНР): има мртви, ранети сѐ уште беа под урнатините, велат од Амбасадата.

Од таму му замеруваат на министерот за неговите ставови.

-Бујар Османи досега не ги спомна жртвите од гранатирањето од страна на украинските сили, како и сите загинати и ранети од агресијата на киевскиот режим врз Донбас од 2014 година, чиј број изнесува илјадници. „Се работи за луѓето“, велите?, додаваат од Руската амбасада.

Османи во изминатите денови го посети Киев, како прва дестинација од претседавањето со ОБСЕ. Тој меѓу другото имаше средба со украинскиот претседател Володимир Зеленски.

-Импресиониран сум од неговата посветеност на благосостојбата на украинскиот народ и неговата храброст наспроти тековните предизвици. Сакам да ја изразам мојата целосна поддршка на украинската влада додека тие продолжуваат да се залагаат за мир, стабилност и просперитет во регионот, истакна министерот.

Претходно Османи го осуди рускиот напад на станбена зграда во Дњепар, во кој загинаа 45 лица.

Слични содржини