„Шанса за центар“ бара стопирање на сите градежни зафати на Водно

од Берта Китинска

Советничката група на „Шанса за Центар“ бара итно да се запрат сите градежни активности на Водно.

„Се води судски спор „Плацови на Водно“, со кој се истражува и преиспитува законитоста па постапките за продажба на земјиштето. Со тоа бараме да не се преземаат никакви активности во подрачјето, сѐ до правосилно завршување на судскиот процес“, велат од Советничката група.

Сето ова, продолжуваат, е во прилог на заштита на јавниот интерес и безбедноста на граѓаните, кои се загрозени од сечата на шумата и градењето.

„Научно и со анализи е докажано дека шумата на Водно има клучно значење за заштита на Општина Центар од поплави и порои и е круцијална во борбата против загадувањето на воздухот. Бараме да се избегнат и големите трошоци за пробивање на исклучително стрмен пристапен пат до локациите на кои се планира градба, а со тоа и да се заштити правото на приватна сопственост на жителите на кои им се планира одземање на делови од дворовите за пробивање на патот“, истакнуваат од „Шанса за Центар“.

На средбата меѓу претставници на општината и жителите на Водно која се одржала во понеделникот, жителите најавиле тужба и дека ќе бараат времена мерка за запирање на градежните зафати.

„Симптоматично е што само неколку часа подоцна, во раните утрнски часови во вторникот инвеститорот со приватно обезбедување почнува да ја оградува парцелата. Бараме општината итно, јасно и со конкретни мерки да застане во одбрана на јавниот интерес и безбедноста на граѓаните“, се додава во соопштението на Советничка група на „Шанса за Центар“.

Слични содржини