СЗО ја повика Кина да обезбеди необработени податоци за потеклото на пандемијата

од Vladimir Zorba

Шефот на Светската здравствена организација (СЗО) во четвртокот изјави дека на инспекторите кои го испитуваат потеклото на пандемијата на коронавирус во Кина, не им бил даден пристап до необработените податоци од првиот ден од ширењето на вирусот и ја повика Кина да дејствува потранспарентно.

Експертите предводени од СЗО поминаа четири недели во и околу градот Вухан со кинески колеги, по што во заедничкиот извештај во март напишаа дека вирусот најверојатно се пренесувал од лилјак на човек преку друго животно.

Во извештајот се вели дека е многу малку веројатно дека вирусот излегол од лабораторија, а изјавата ја оценија како неприфатлива за некои земји, вклучително и САД.

„Ја повикуваме Кина да биде транспарентна и отворена за соработка“, рече генералниот директор на СЗО Тедрос Аданом Гебрејесус на прес-конференција во четвртокот.

„Ние им ја должиме на милиони луѓе болни и милиони кои умреа информацијата за тоа што се случило“, рече тој.

Кина ја нарече „апсурдна“ теоријата дека вирусот избегал од лабораторијата во Вухан и повеќе пати изјави дека „политизирање“ на ова прашање ја попречува истрагата.

Тедрос во петокот ќе ги извести 194 члена на СЗО за предлогот за спроведување на втората фаза од студијата, објави Мајк Рајан, експерт за итни случаи на СЗО.

„Ние сакаме да работиме со нашите кинески колеги во овој процес и генералниот директор ќе ги претстави мерките на земјите-членки на состанокот утре, петок“, рече Рајан.

Германскиот министер за здравство Јенс Шпан, кој разговараше со Тедрос во четвртокот, ја повика Кина да дозволи понатамошно истражување за потеклото на пандемијата и ја истакна потребата за повеќе информации.

Шпан, говорејќи за посетата на седиштето на СЗО во Женева, најави донација од 260 милиони евра за програмата ACT-Accelerator на СЗО, што треба да обезбеди целиот свет да ја прими вакцината „Ковид-19“ и тестовите, вклучително и посиромашните земји.

Слични содржини