Царовска го потпиша решението: Спорниот учебник по географија е повлечен од употреба

од Берта Китинска

Повлечен од употреба е учебникот по географија за втора година гимназиско образование.

-Министерката за образование и наука Мила Царовска го потпиша решението на Комисијата со кое спорниот учебник се повлекува од настава.Комисијата констатира дека учебникот е преоптоварен со статистички и други податоци и факти кои не одговараат согласно дидактичко-методскиот пристап за возраста на децата. Исто така, во неколку наставни содржини во учебникот се нарушени начелата на неповредливост на културата, историјата и другите вредности на граѓаните на Република Северна Македонија, што е спротивно на Законот за учебници за основно и средно образование, соопштија од МОН.

Тие велат дека учебникот бил одобрен по наставна програма од 2002 година.

-Во рамки на планот за целосно реформирање на националниот образовен систем, еден од клучните чекори е обезбедувањето на квалитетни учебници и наставни содржини во основното и средното образование. Пропустите кои низ години се провлекуваат во повеќе учебници и материјали, со реформите ќе бидат целосно отстранети и системски решени. Новиот закон за дидактички материјали и учебници е веќе објавен на ЕНЕР и со него системски се спречува вакви содржини да се провлекуваат во учебниците., соопштија од МОН.

Медиумите на албански јазик во земјава деновиве објавуваа вести за, како што наведуваа, „скандалозниот“ учебник, притоа посочувајќи што точно им пречи на Албанците во Македонија. Имено, тие наведуваа неколку спорни нешта наведени во учебникот.

Слични содржини