Вангелов: Фашистичката идеологија не само што не е победена, туку добива нова сила и нови облици

од Vladimir Zorba

Денешна Русија под водство на Путин „не е еквивалентна на фашистичките режими од Втората светска војна, но таа е најблискиот аналоген пример на фашизмот од тоа време“. Путин во текот на своето дводецениско владеење направи од Русија персонализирана автократија што се доближува до диктатура, каде што со текот на времето основните граѓански права и слободи се стеснуваа до крајни граници, за денес, по нападот врз Украина, тие слободи и права да бидат крајно загрозени, вели во разговор за „Локално“, порф. Огнен Вангелов кој е член на македонско-бугарската комисија.

Според него во некои средини низ Европа идеологиите блиски до фашизмот стануваат „нормализиран“ дискурс во јавните дебати и со самото тоа таа нормализација незабележително со текот на времето се менува во таквите општества.

Светот денеска го одбележува Денот на победата над фашизмот во услови кога се води (и се оправдува) војна на европскиот континент поради наводно присуство на фашисти и „денацификација“ на суверена земја. Речиси 80 години подоцна, присутен ли е, според вас, фашизмот на европско тло?

-Битна е дефиницијата за фашизам, бидејќи со тоа име денес се опишуваат различни појави. Ако фашизмот го гледаме во својата изворна форма, идеологијата на Мусолини и сродните движења во Европа пред и во текот на Втората светска војна, тогаш не може да се каже дека денес има идентични движења кои се масовни. Но, секако дека има движења и политички идеологии кои се блиски до фашизмот, најчесто претставувани од крајно десните движења во Европа. Тие крајно десни движења се во постојан подем низ Европа, некаде повеќе, а некаде помалку, но општ е впечатокот дека веќе неколку децении ваквите идеологии земаат замав и од маргините навлегуваат во главните политички текови. Дури и денешните крајно десни идеологии да не се идентични со фашизмот од периодот пред и за време на Втората светска војна, тие можат да имаат исти разорни ефекти во општествата каде што стануваат битна политичка сила. Тоа најмногу се огледува во зголемување на опшстествената поларизација и преместување на целокупниот политички спектар кон десно. Политички длабоко поларизирани и поделени општества не можат да функционираат како стабилни демократски општества, па оттаму опасноста од подемот на ваквите идеологии низ Европа се и директна опасност по демократскиот поредок.

Победена ли е, според ваше мислење, идеологијата која стои зад фашизмот? Колку неофашизмот „пуштил корени“ во современите општества?

– Како надоврзување на претходниот одговор, би додал дека очигледно дека таа идеологија не само што не е победена, туку добива нова сила и нови облици. Се разбира, мора да се имаат предвид контекстите во кои ваквата идеологија „воскреснува,“ но во општи црти мојот впечаток е дека во некои средини низ Европа идеологиите блиски до фашизмот стануваат „нормализиран“ дискурс во јавните дебати, а со таа нормализација незабележително со текот на времето се менуваат и генералните правци и вредности на таквите општества.

Може ли денеска да се оправда инвазија или „специјална операција“ во име на борба на фашизмот без реални докази дека постои такво нешто?

– Секако дека со ништо не може да се оправда руската агресија врз Украина. Тоа е освојувачка и агресивна војна, целосно незаконска од аспект на меѓународното право, а во многу елементи и злосторничка операција против цивилното население во Украина. Руската пропагандна машинерија на авторитарниот режим на Путин се обиде да ја оправда таа инвазија како неопходна поради наводните нацистички власти на Украина и заштита на руското малцинство во истокот на земјата. За таквите тврдења нема апсолутно никакви докази ниту каква било допирна точка со реалноста во Украина, туку напротив, крајно десничарските движења во Украина се многу помаргинални отколку таквите движења во многу други европски земји. Па и во самата Русија има повеќе облици на владеење слично на нацизмот, наспроти владеењето во Украина кое и покрај недостатоците (кои се присутни и во повеќето источноевропски земји), е базирано на основните принципи на демократијата и човековите права.

Многумина западни аналитичари побрзаа да ја означат Русија како фашистичка земја поради нејзините обвинувања кон Украина, откако всушност тврдат дека на тој начин прави проекција на ситуацијата внатре во самата земја. Дали Русија на чело со Путин, според вас, е фашистичка земја?

– Како што и напоменав, тешко е да се прави паралела на идентичност со фашизмот од Втората светска војна и денешните облици на авторитарно и деспотско владеење, но сличности секако дека има. На пример, според професорот по историја Стенли Пејн од универзитетот во Висконсин, кој е експерт по европскиот фашизам, денешна Русија под водство на Путин „не е еквивалентна на фашистичките режими од Втората светска војна, но таа е најблискиот аналоген пример на фашизмот од тоа време“. Се согласувам со таквото гледање бидејќи Путин во текот на своето дводецениско владеење направи од Русија персонализирана автократија што се доближува до диктатура, каде што со текот на времето основните граѓански права и слободи се стеснуваа до крајни граници, за денес, по нападот врз Украина, тие слободи и права да бидат крајно загрозени.

Владее општ страв меѓу луѓето за тоа какви сè последици ги очекува ако прекршат некој од бројните рестриктивни закони за слобода на изразување, како на пример Законот според кој ако некој го изговори зборот војна за руската инвазија врз Украина може да се соочи со затворска казна до 15 години. Исто така во текот на двете децении владеење на Путин секакво опозициско движење беше или оневозможувано или елиминирано, со чести физички ликвидации на критичарите на режимот. Така што, да, денешна Русија на Путин многу наликува на земја со фашистичко уредување, иако има и некои разлики со класичниот фашизам од времето на Мусолини.

Во Македонија зборот „фашистички окупатор“ и „фашисти“ е редовен фолклор кога сакаме да го опишеме нашиот источен сосед. Бугарија сакаат да ги избришеме трагите од нашите учебници, но и од сеќавањата, за нивната колоборација со фашистите, за да ни даде „зелено светло“ за напредок во евроинтеграциите. Доволно ли е само бришењето на фашизмот од хартија, за да заборавиме што тој донесе на овие простори и дали Бугарија „на мала врата“ го враќа фашизмот во Европа во контекст на политиката кон земјава?

– Користењето на терминот „фашизам“ за однесувањето на нашиот источен сосед почна да се зголемува откако Бугарија го наметна барањето (меѓу другите барања) да се бришат спомен-обележјата што содржат термин „бугарски фашистички окупатор“ од Втората светска војна. Секако дека терминот фашизам не треба да се употребува во секакви можни контексти, бидејќи на тој начин се релативизира значењето на фашизмот и ужасите кои тој ги предизвикал за време на Втората светска војна, а и претходно. Истовремено, насилното наметнување нови дискурси за одредени периоди во минатото, преку политички алатки како, на пример, вето за почеток на преговори со ЕУ сигурно нема да дадат посакуван резултат. Во светската историографија е неспорно дека Бугарија била сојузник на нацистичка Германија речиси до крајот на војната и е неспорно дека извршила окупација на територии од Кралството Југославија, меѓу кои најголемиот дел бил денешна Северна Македонија, во кои извршила бројни злосторства.

Буквалната физичка елиминација на речиси целокупното еврејско население во Македонија е едно од тие ужасни злосторства за кое одговорност има тогашната окупациска власт. Тоа е прашање што бугарското општество прво мора да го расчисти кај себе, а барања за бришење спомен-обележја или дискурси во учебниците за тој период не само што нема да ги смени фактите за блиското минато на нашиот источен сосед, туку создава и нови основи за долготраен антагонизам меѓу нашите две општества. Освен тоа, таквите барања се косат со основните постулати врз кои е изградена повоена Европа и прават ненадоместлива штета за европскиот проект на нашиве простори.

Б.М./Н.П.

Слични содржини