Верати: Не ги разбирам нашите навивачи

од Vladimir Zorba

Најогнените навивачи на ПСЖ „Колектиф ултрас“ излегоа од „Паркот на принцовите“ синоќа меѓу 70 и 75 минута од натпреварот од француското првенство против Ленс, откако Лионел Меси постигна гол за 1:0. Со тој гол парижаните дојдоа на чекор до обезбедување на нова, десетта титула шампион на Франција, а навивачите им свртеа грб на играчите.

„Ултрасите“ најавија дека нема да бидат на стадионот во последните 15 минути за да ја прослават титулата со играчите. Тоа е чин на протест, дел од истите навивачки немири во Париз кои траат веќе неколку недели. И почнаа во моментот кога ПСЖ беше елиминиран од Реал во Лигата на шампионите. Тоа е пораз кој навивачите на ПСЖ нема така лесно да го заборават.

Тоа ја направи прославата на титулата да изгледа малку чудно. На трибините се слушаше само песната на стотина фанови на Ленс, иако најголемиот дел од капацитетот на стадионот остана полн, не се слушаше врева од „ултрасите“ кои излегоа од стадионот. Од паркингот се слушаа песни а се користеа и пиротехнички средства.

– Не ги разбирам нашите навивачи. Фудбалот е игра во која победувате и губите, а ние секогаш одиме на победа. Тие се разочарани од испаѓањето од Реал, но мораме еднаш да тргнеме напред – изјави Марко Верати по натпреварот, а неговиот соиграч Маркињос додаде:

– Па, сепак ова е нашата титула! Каде се сега навивачите? Нема. Оваа атмосфера е срамна. Фудбалот е страст, и наша и нивна, треба да уживаме заедно.

„Ултрасите“ најавија дека титулата ќе се слави на стадионот по последното коло кога Мец ќе дојде на „Паркот на принцовите“.

Слични содржини