ВМРО-ДПМНЕ: Не се опфатени вистинските виновници со обвинението за пожарот во тетовската болница

од Nikola Popovski

За опозициската ВМРО-ДПМНЕ поднесеното обвинение против три лица за пожарот во тетовската модуларна болница „не ги опфаќа вистинските виновници, туку лица кои се далеку подолу на прирамидата на одговорноста“. Од партијата велат дека „тоа само покажува дека и случајот со модуларната болница, исто како и со трагедијата со Дурмо Турс и Беса Травел се водат без да се најде вистинскиот системски причинител, поради кои десетици животи беа предвреме згаснати“.

-Обвинителниот акт не ги дава одговорите која е улогата на министерството за здравство во изградбата на овие објекти, како од надлежните инспекции тие добиле дозвола да работат, која е одговоноста за материјалите од кои беше изграден објектот и редица на други фактори кои доведоа до трагедијата, соопштија од партијата.

Од таму појаснуваат дека за жал системот на неказнивост создава нови и нови трагедии.

-Тоа мора да престане. Вистинските виновници мора да одговараат и во случајот со тетовската модуларна болница и во секој друг случај, затоа што само така може да се изгради владеење на правото и правна држава, стои во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.

Јавното Обвинителство подготви кривични пријави за едно правно и три физички лица, по трагедијата во тетовската модуларна болница во која починаа 14 лица.

-Двајцата првообвинети се товарат дека сториле по едно кривично дело – Тешки дела против општата сигурност по чл.292 ст.4 в.в. со чл.288 ст.4 в.в. со ст.2 од Кривичниот законик,  третиот обвинет сторил кривично дело – Непостапување според здравствените прописи за време на епидемија по чл.206 ст.1 од Кривичниот законик, додека обвинетото правно лице сторило кривично дело – Предизвикување општа опасност по чл.288 ст.5 в.в. со ст.4 в.в. со ст.2 и кривичното дело – Непостапување според здравствените прописи за време на епидемија согласно чл.206 ст.2 в.в. со ст.1 од Кривичниот законик, велат од Обвинителството.

Слични содржини