Во Израел работат само супермаркети, фабрики и аптеки: Колкава е економската штета поради војната?

од Stefanija Kuzmanovska

Цените на израелските акции и обврзниците паднаа, а многу бизниси беа затворени денеска, два дена откако палестинската група Хамас изврши напад врз државата Израел.

Клучните берзански индекси во Тел Авив сега се пониски за речиси седум отсто, најмногу поради девет отсто пад на банкарските акции со промет од 573 милиони долари, а цените на државните обврзници паднаа за цели три отсто, пренесува „Ројтерс“.

И покрај тоа што девизниот пазар беше затворен во неделата, израелската валута шекел веќе беше на најслабото ниво за една година, поради планот на владата за реформи во судството. Главниот економист на компанијата „Лидер капитал маркетс“, Џонатан Кац, оцени дека нападите на Хамас ќе продолжат, што на крајот ќе има понегативно влијание врз економијата и фискалниот буџет.

Откако борците на Хамас започнаа напади врз Израел рано наутро во саботата, во кои досега беа убиени најмалку 600 Израелци, а најмалку 370 Палестинци беа убиени како одмазда, израелскиот министер за финансии Безалел Смотрич рече дека им наредил на официјалните лица во министерството да обезбедат што поскоро буџетски средства потребни за војната.

Банката на Израел објави дека е прерано да се процени економската штета од конфликтот, но потсети дека 50-дневната војна со милитантите на Хамас во Газа во 2014 година предизвика штета од 3,5 милијарди шекели или 0,3 отсто од БДП.

Компанијата Nvidia, најголемиот светски производител на чипови кои се користат за вештачка интелигенција и компјутерски графички картички, соопшти дека го откажала самитот за вештачка интелигенција што требаше да се одржи во Тел Авив следната недела.

Многу компании им дадоа слободен ден на вработените, а затворени се и повеќето продавници, освен супермаркетите и аптеките.

Асоцијацијата на израелски производители соопшти дека фабриките сè уште работат за да избегнат недостиг на храна и други основни производи.

„Сите компании ќе продолжат да работат максимално и покрај тешките вонредни услови, ракетните напади и недостигот од работници“, изјави претседателот на здружението, Рон Томер.

Слични содржини