Во Тирана се очекува декларација за намалување на цените на роаминг ЕУ-Западен Балкан

од Vladimir Zorba

Телекомуникациските оператори од земјите од Европската унија и од Западен Балкан на утрешниот самит на ЕУ за Западен Балкан во Тирана треба да потпишат Декларација која ќе овозможи намалување на цените за роаминг меѓу ЕУ и регионот во текот на 2023 година.

Како што најави Регионалниот совет за соработка (RСС), ова ќе придонесе за намалување на оперативните трошоци на бизнисмените, ќе го поттикне бизнисот надвор од матичните граници и ќе даде дополнителен поттик на туризмот во регионот на Западен Балкан.

Откако стапи на сила регионалниот договор за намалување на цените на роаминг, со кој беше укинат роамингот во Западен Балкан од јули 2021 година, RCC тесно соработува со Европската комисија, операторите од Европската унија и од Западен Балкан, како и со властите од регионот да ги намалат цените во роаминг меѓу ЕУ и ЗБ, се вели во соопштението.

RСС потсетува и дека на почетокот на ноември, лидерите на Западен Балкан потпишаа три важни договори за слобода на движење со лична карта, за признавање на високообразовните квалификации и за признавање на професионални квалификации за лекари, стоматолози и архитекти во рамките на рамка на Акциониот план за заедничкиот регионален пазар на Берлинскиот процес.

Тие договори, се додава, сега влегуваат во процес на ратификација на национално ниво.

Советот за регионална соработка продолжува да работи на заедничкиот регионален пазар, додава RСС, нагласувајќи дека секој резултат на тој фронт е чекор напред кон воспоставување поволна инвестициска клима која може да привлече исклучително квалитетни и постојани инвестиции.

Во соопштението во пресрет на самитот на Европската Унија и Западен Балкан во Тирана, RСС додава дека средбата е важна и од гледна точка на европската перспектива на регионот, Зелената агенда за Западен Балкан, прашања за енергетска и прехранбена безбедност, младите, сузбивање на дезинформациите и сајбер заканите.

Слични содржини