„Водафон“ ќе укине 11.000 работни места во следните 3 години

од Stefanija Kuzmanovska

„Водафон“ планира да укине 11.000 работни места во следните три години, што значи дека повеќе од десетина од вработените во „Водафон“ ќе останат без работа, јавува Би-Би-Си.

Укинувањето на работните места ќе ги погоди и вработените во британското седиште на „Водафон“ и претставништвата на компанијата надвор од Британија.

Новиот шеф и финансиски директор на „Водафон“, Маргарита дела Вале, изјави дека резултатите на компанијата не се доволно добри и дека „Водафон“ треба да се менува за постојано да се развива.

Најавата за кратење на работните места доаѓа по објавувањето на прелиминарниот финансиски извештај на „Водафон“, во кој се наведува дека оваа компанија во изминатата фискална година забележала скромен раст на продажбата од 0,3 отсто во однос на фискалната 2022 година.

Во фискалната 2023 година, „Водафон“ забележа продажба од 45,7 милијарди евра, додека во фискалната 2022 година продаде стоки и услуги во вредност од 45,5 милијарди евра.

„Моите приоритети се клиентите, едноставноста и развојот. Ќе ја поедноставиме нашата организација за повторно да бидеме конкурентни на пазарот“, изјави Дела Вале.

Компанијата веќе најави дека ќе го намали бројот на вработени во Германија и Италија.

Слични содржини