Второто полугодие да се одвива со физичко присуство, препорача КЗБ

од Берта Китинска

Комисијата за заразни болести, следејќи ја епидемиолошката состојба, препорача почнувањето на второто полугодие од учебната 2021–2022 год, наставата да се одвива со физичко присуство за сите ученици во основно и средно образование со доследно почитување на превентивните мерки и протоколи.

До крајот на неделата на седница на Влада ќе биде донесена одлука дали наставата во второто полугодие од 1 февруари ќе почне со физичко присуство или онлајн, а МОН ќе има состаноци со надлежните во здравство, соопшти денеска министерот за образование и наука Јетон Шаќири.

– До крајот на неделата ќе имаме состаноци и пред почетокот на второто полугодие ќе се има и ставот на Комисијата за заразни болести и на Кризниот штаб. Ги имаме предвид и повиците од УНИЦЕФ, кое е за физичко присуство на настава, а и ние сите, и наставниот кадар, свесни сме за придобивките од физичкото присуство. И според податоците, во првото полугодие, имавме многу мал број на заразени деца. Нашата одлука ќе беше лесна ако ја имавме истата варијанта од вирусот како што беше во септември и октомври. Сега има нова варијанта, но и тоа не значи дека почетокот на второто полугодие со физичко присуство ќе го зголеми бројот на заразени, изјави Шаќири.

Слични содржини