Атина ја отфрла можноста за дополнителни мерки за штедење

од desk2

Грчкиот министер за медиуми Никос Папас ја отфрли можноста за воведување дополнителни мерки за штедење во Грција, прецизирајќи дека договорот со министрите од еврозоната е за „нула фискални интервенции“.

Папас, кој е и близок советник на премиерот Алексис Ципрас, во гостување на телевизијата „Антена“ зборуваше за вчерашниот договор на Еврогрупата, со кој Грција се согласи да ги озакони мерките откако ќе заврши тековната програма за помош во 2018 година, во замена за враќање на технички експерти во Атина со цел да се затвори вториот преглед на третата финансиска помош на земјата.

– Се ќе се случи одеднаш … мерките и контрамерките кои ќе стапат во сила по 2019 година ќе се гласаат заедно, изјави Папас. – Ако постои интервенција во даночниот систем за да се намали прагот, тогаш ќе треба да најдеме мерки кои ќе дадат социјално праведни и ефективни даночни олеснувања, додаде тој, посочувајќи го примерот со зголемување на данокот на луксузни стоки и намалувањето на данокот на основните артикли.

Како што јави дописникот на МИА од Атина, за проблематичните реформи во областа на трудот, Папас изрази убедување дека Владата ќе биде во можност повторно да го воведе колективното договарање – нешто на што кредиторите силно се противат, и да спречи масовни отпуштања, кои доверителите ги бараат како дел од мерките за зголемување на конкурентноста.

Папас додаде дека Владата има за цел да ја заврши ревизијата на финансиската помош што е можно побрзо, изтакнувајќи дека не постои причина за понатамошно одложување.

– Ова е добра можност за меѓународната заедница да утврди дали некој, од причини на експедитивност, намерно предизвикуваат доцнења, рече тој, без да навлегува во детали.

Слични содржини