Џафери именувал пратеник од СДСМ за да ја откочи работата на Kомисијата за буџет

од desk2

Ако утре претседателката на Комисијата за финансирање и буџет, Лилјана Кузмановска ја откаже расправата, на нејзино место најверојатно ќе седне некој друг, јави Алсат М. Претседателот на Собранието Талат Џафери, пред да замине за Америка, назначил друг пратеник да раководи со оваа Комисија за да се откочи нејзината работа.

Неофицијално, според извори на Алсат М, од утре со оваа комисија може да претседава пратеникот на СДСМ, Васко Ковачевски. Инаку, веќе цела недела актуелната претседателка на оваа Комисија, Лилјана Кузмановска, која е од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, ја закажува, па ја откажува нејзината работа. Денеска пак, нејзините колеги-членови на Законодавно – правната комисија ги разгледаа Предлог Буџетот за 2018 – та година и Предлог Законот за извршување на буџетот.

„Бидејќи роковите течат, на Законодавно – правната комисија моравме да ја отвориме општата расправа денес, веќе доцневме неколку дена чекајќи колегите да ја продолжат комисиската расправа. Претседателката на оваа комисија и денес ја одложи расправата за утре.“ – изјави Соња Мираковска – претседател на законодавна правна комисија

„Треба да знаеме дека седниците на комисиите и седниците во Парламентот се место и прилика каде треба да се кршат копјата и да се спротивстават нашите ставови се со една цел, а тоа е обезбедување услови и поквалитетен живот за граѓаните на Македонија.“ – вели Костадин Костадиновски – СДСМ

Од ВМРО – ДПМНЕ, иако побаравме став, до вестите не добивме одговор зошто се закажува, па се одложува комисиската расправа за буџетот. Таа почна минатиот понеделник, но по притворот на неколкумината пратеници од опозицијата, таа никако да продолжи. Од владеачкото мнозинство пак, велат дека очекуваат државната каса да ја донесат до средината на овој месец./Алсат М

Слични содржини