Германија: Постои опасност од војна ако САД се повлечат од иранскиот нуклеарен договор

од Vladimir Zorba

  Ако САД се повлечат од нуклеарниот договор со Иран или повторно му воведат санкции, Техеран може да произведе нуклеарно оружје, а тоа ќе ја приближи опасноста од војна кон Европа, изјави германскиот министер за надворешни работи Зигмар Габриел.

 

Американскиот претседател Доналд Трамп вчера одби официјално да потврди дека Техеран го исполнува договорот од 2015 година иако меѓународните инспектори го потврдуваат тоа. Трамп предупреди дека е можно САД да се повлечат од договорот.

Габриел истакна дека Трамп испратил опасен сигнал во момент кога неговата Влада треба да се справи и со нуклеарната криза со Северна Кореја.

– Опасно е тоа што се случува во или со Иран, имајќи ја предвид позицијата на САД. Ако САД се повлечат од договорот и повторно воведат санкции против Техеран, тогаш иранските приврзаници, кои се против преговори со Западот, ќе добијат моќ и ќе започнат со производство на нуклеарно оружје. Израел нема да издржи такво нешто и ќе се вратиме 10-12 години назад. Опасноста од војна ќе биде многу блиску до Европа, нагласи Габриел. /МИА

Слични содржини