Избрани замениците министри на Владата на Заев

од Vladimir Zorba

 Собранието на Република Македонија во рамки на петата седница со 62 гласа „за“, „пет“ воздржани и без присуство на пратениците од ВМРО-ДПМНЕ попладнево ги избра замениците министри во Владата на Република Македонија. 

За заменик-министер за одбрана е избран Беким Максути, за заменик-министер за внатрешни работи Агим Нухиу, за заменик министер за правда Оливер Ристовски, за заменик министер за надворешни работи Арта Точи, за заменик министер за финансии Ширете Елези, а за заменик министер за економија Кире Наумов.

Власте Димковиќ е нов заменик министер за земјоделство, шумарство и водостопанство, Гоце Чакаровски за здравство, Висар Гани за образование и наука, Елми Азири за труд и социјална политика, Дејан Павлески за локална самоуправа, Владимир Лазовски за култура, Александар Бајдевски за информатичко општество и администрација, Ремзи Мехмеди за транспорт и врски, а Јани Макрадули е заменик – министер во ресорот животна средина и просторно планирање.

Премиерот Зоран Заев одговарајќи на дебатата и забелечките на ВМРО ДПМНЕ рече дека договорот за добрососедство со Бугарија ќе биде потпишан во три јазични верзии и тоа на англиски, македонски и бугарски јазик.

– Ако биде договорен, ќе биде потпишан и на нашиот официјален македонски јазик и ќе стои потписот на премиерот на Бугарија. Тоа е важна работа за Македонија, тоа е признавање на нашиот јазик, истакна премиерот Заев.

Бугарија, посочи премиерот, е првата земја што ја призна Република Македонија под уставото име. – Јас очекувам преку овој договор за којшто претходната власт правеше искрени напори и видов до каде се стигнати, а за што немав никогаш информации како шеф на опозицијата. Видов дека се стигнати во сериозна фаза и тоа го поздравувам.  Требаше веќе да го завршиме, ги знам и разговорите и  на поранешното раководство на Владата на РМ, информиран сум процедурално онака како што личи, за се. Бугарија преку овој  договор сака искрено да ги тргне тегобите коишто постоеле помеѓу два соседа за да ја поддржи Македонија на својот пат кон  ЕУ, рече Заев.

Нагласи дека од императивно значење е напредокот на Македонија кон ЕУ и НАТО.

– Бугарија ја признава нашата посебност и нема проблем со тоа, но истовремено не може да кажеме дека немаме дел од заедничка историја на Балканот овде, во Европа или слично. Да не прејудицираме нешто што би било поприлично незгодно по вакви прашања коишто се од заеднички интерес за стратешките определби зад коишто сите стоиме, а тоа се ЕУ и НАТО. Затоа да бидеме навистина внимателни, истакна претседателот на македонската Влада.

Во делот на учебниците, Заев рече дека за тоа ќе треба да се изјаснат експертите. – Ние политичарите, дајте да обезбедиме амбиент да градиме пријателство. Градејќи пријателство на оваа наша земја и требаат соседите и повеќе пријатели. Во тој дух и се обраќам да информирам дека ние можеби и ќе немаме договор. Никој не може да каже дека ќе постигнеме договор. Јас сум среќен што направивме уште еден чекор после повеќе успеши чекори коишто пред мене и пред оваа влада биле направени, рече премиерот од говорницата во Собранието.

Тој повика  да се тргнат сите омрази, сите национализми и сите делби коишто постоеле за регионот да има перспективи. – Не посочив дали од наша или од нивна страна. Посочив да гледаме напред кон перспективите, рече премиерот.

 

Слични содржини