Ќе има ли регионална депонија на истокот?

од desk4

Градоначалниците од источниот регион бараат ревизија на проектот за регионална депонија, информира ТВ24.

Сакаат да бидат начисто дека при изградбата нема да им излезат скриени трошоци што општините нема да можат да ги платат. Од Центарот за развој на ИПР очекуваат проектот навреме да се реализира.

„Тука си е одговорно министерството за животна средина, проектанските куќи, куќите коишто вршат ревизија на проектната документација, и се надевам дека сета таа активност ќе биде квалитетно завршена“ – вели Драгица Здравева, Центар за ИПР.

Веќе е формиран Меѓуопштинскиот одбор за управување со отпад за општините од Истокот, по што треба да почне да функционира и новото јавно претпријатие што ќе управува со депонијата, заедничка за двата региони, источниот и северо-источниот. Се чека  на зелено светло за набавка на камиони и канти за селекција на отпад. Паралелно се прават  анализи за тоа дали стартот на новата депонија ќе значи и повисоки цени за граѓаните.

„Верувам дека ќе има одредено покачување, но и сега во анализите коишто се правеа во нашите општини, се покажа дека некои од општините веќе и сега плаќаат сума којашто е поголема од таа што е дозволена за нашите граѓани. Се надевам дека тоа нема да биде големо покачување, но бенефините се навистина големи.“ вели Живка Михајлова, раководител на проектот за управување со отпад.

Регионалната депонија треба да се гради кај светиниколското село Мечкуевци. Во неа ќе се собира ѓубрето од 18 општини. Како прва фаза наредната година е предвидено затворање на седум општински и отстранување на 70 диви депонии. Регоналната депонија за источниот и североисточниот регион се гради со европски грант преку програмата за регионален развој, а нејзината реализација тежи 46 милиони евра.

Слични содржини