Кои се Курдите и зошто овој народ се стреми да има своја држава!?!

од Vladimir Zorba

Ирачкиот автономен регион Курдистан планира утре да одржи референдум за независност. Централната власт во Багдад и соседните земји на Ирак силно се противат на овие планови. По тој повод, светските агенции потсетуваат кои се Курдите, каде живеат и што претставува Ирачки Курдистан, пренесува БТА.

Курдите се луѓе со индоевропско потекло. Тие се потомци на Медијците од древна Персија, кои основале империја во седмиот век п.н.е. Мнозинството од Курдите се сунитски муслимани, но меѓу нив има и немуслимански малцинства. Тие се населиле на речиси половина милион квадратни километри. Според различни извори, тие се помеѓу 25 и 35 милиони луѓе, од кои меѓу 12-15 милиони живеат во Турција, околу шест милиони во Иран, 4,69 милиони во Ирак и над два милиона во Сирија. Големи курдски заедници, исто така. живеат во Азербејџан, Ерменија и Либан, како и во Европа, особено во Германија.

Колапсот на Отоманската империја по крајот на Првата светска војна го отвора патот кон создавање на курдска држава, предвидена со договорот од Севр во 1920 година, која требаше да биде во источна Анадолија и во провинцијата Мосул. Но, по победата на Мустафа Кемал во Турција, сојузниците ја смениле својата одлука и во 1923 година, со договорот од Лозана, се утврдува доминацијата на Турција, Иран, Велика Британија (за Ирак) и Франција (за Сирија) над тамошното курдско население.

Стремежот на Курдите за создавање на единствен Курдистан, се доживува како закана за територијалниот интегритет на земјите во кои живеат.

Во Турција, конфликтот меѓу владата и Курдската работничка партија беше обновен во текот на летото во 2015 година, по што пропаднаа надежите за решавање на кризата, во која од 1984 година загинаа над 40.000 лица.

Во Иран има повремени судири меѓу силите за безбедност и курдските бунтовници, а во 1979 година имаше и курдски бунт, кој беше задушен.

Во Ирак, Курдите беа прогонувани во времето на Садам Хусеин и креваат бунт во 1991 година по поразот на Багдад во Кувајт. Тие воспоставија автономија, која де факто беше легализирана со ирачкиот Устав во 2005 година, формирајќи федерална република во Ирак.

Во Сирија, Курдите со децении страдаа од маргинализација и угнетување од страна на режимот и побараа признавање на нивните права. Тие воспоставија неутрална позиција кон власта и бунтовниците во почетокот на граѓанската војна во Сирија во 2011 година. Потоа го искористија хаосот предизвикан од војната и воспоставија автономна администрација во северните региони.

Курдите, кои никогаш не живееле под централизирана власт, се поделени во многу партии и фракции во овие четири држави. Понекогаш овие движења се прекугранични, но честопати се противници. На пример, во Ирак, двете главни курдски партии во 1994 и 1998 година водеа војна меѓу себе, при што загинаа повеќе од 3.000 луѓе. Постигнаа мир во 2003 година.

Во Сирија, курдските сили доминираат во сојузот Сириски демократски сили, кои се борат против „Исламска држава“, со поддршка на меfународната коалиција предводена од САД. Во Ирак, курдските сили пешмерга, исто така, учествуваат во борбата против џихадистите.

Автономниот регион Ирачки Курдистан граничи на исток со Иран, на север со Турција и на запад со Сирија, потсетува ДПА. Зафаќа површина од 40.600 квадратни километри и е составена од три провинции Ербил, Сулајманија и Дахук. Ербил е главен град. Регионот е богат со нафта, природен гас и фосфати.

На референдумот планиран за утре, право на глас имаат 5,6 милиони луѓе. Минималната возраст е 18 години. 2065 избирачки места ќе бидат отворени во текот на 10 часа, од 8 часот по локално време (5 часот по Гринич). Гласачите ќе одговорат на прашањето: Дали сакате регионот Курдистан и курдските области околу него да станат независна држава?

Гласање е предвидено да се спроведе не само во Ирачки Курдистан, туку и во области кои се во центарот на полемика меѓу Ербил и Багдад, вклучувајќи ја и богата со нафта провинција Киркук.

Ирачки Курдистан доби целосна автономија во 1991 година. Од следната година, ирачките Курди имаа право да избираат парламент и да формираат влада. Сепак, овие институции беа парализирани во периодот 1994 – 1998 година поради конфликтот меѓу двете партии кои ги претставуваат ирачките Курди – Демократска партија на Курдистан и Патриотски сојуз на Курдистан.

Во 2003 година ирачките Курди се приклучија на меѓународната коалиција против Садам Хусеин, а на почетокот на 2006 година беше формирана единствена администрација на Ирачки Курдистан. Масуд Барзани беше избран за претседател на Ирачки Курдистан во 2005 година, кому мандатот му истече во август 2015 година, но остана на власт и покрај критиките на противниците.

Парламентот на ирачкиот Курдистан беше распуштен во 2015 година.

На 3 февруари 2016 година, Барзани порача дека е време Курдите во Ирак да организираат референдум за создавање држава. На 7 јуни беше соопштен датумот на одржување на референдумот – 25 септември.

Според организаторите на референдумот, независен Курдистан ќе биде федерална држава со пет официјални јазици, пренесе ТАСС. Државата ќе ги гарантира правата на сите религиозни етнички заедници, а официјалните јазици ќе бидат курдски, арапски, асирски, ерменски и туркменски.

Според плановите на Вишиот совет за референдумот во Курдистан, верските и етничките групи ќе бидат целосно претставени во владините институции на независен Курдистан и ќе станат вистински партнери во управувањето на земјата, а во рамките на федералниот систем Арапите, Јазидите и Туркмените ќе владеат самостојно своите региони. Овие планови се претставени во документот објавен од страна на Вишиот совет за референдум. Во него има 15 точки, кои ги гарантираат етничките, политичките, верските, културните и административните права на сите етно-религиозни групи во Ирачки Курдистан.

Слични содржини