Кривична пријава против директорот на прилепската гимназија

од Vladimir Zorba

Родител на еден од учениците во гимназијата „Мирче Ацев“ во Прилеп, како и СДСМ поднесоа кривична пријава против директорот Кире Николовски, кој во видео материјал објавен пред неколку дена, ги повикуваше учениците да излезат на протести против Платформата на Албанците. Иницијаторите на пријавата велат дека никој нема право да ги злоупотребува децата и учениците за политички цели.

Според подносителот на пријавата, во деновите 13, 14, 15 и 16 март 2017 година, злоупотребувајќи ја службената положба и овластување и без претходно донесена одлука на Управниот одбор на училиштето, Николоски ги организирал, поттикнувал и им овозможил на учениците да го напуштат воспитно-образовниот процес. Истовремено, директорот ги поттикнувал и им овозможил на ученици од други училишта со знамиња и пароли да влезат во СОУ „Мирче Ацев“, со цел истите да учествуваат во протестите кои се однесуваат на политички прашања а кои се организирани од иницијативата „За заедничка Македонија“. Истовремено, Николоски на дел од професорите од позиција на моќ, со закани и опомени им ги одземал дневниците за работа, со цел да не биде евидентирано отсуството на учениците од наставата.

Поднесената кривична пријава, по истите основи, се однесува и на директорот на СОУ „Ристе Ристески-Ричко“, Жарко Темелкоски, како и на НН лица вработени кај прво и второпријавениот.

Втората кривична пријава против Николоски, за злоупотреба на службената положба и овластување, ја поднесе лицето С.Р. чие дете е ученик во прилепската Гимназија

Од Министерството за образование се уште не одлучиле дали ќе се преземат дисциплински мерки против директорот Николовски, но велат дека инспекторите се на терен за да го истражат случајот.

„По констатирање на состојбата, во текот на наредната недела ќе треба да се подготви детален извештај кој ќе се достави во државниот просветен инспекторат и во МОН и согласно членовите за средно образование каде се дефинира улогата и позицијата на директорите, предвидени се сите чекори кои треба да се преземат во случај на евентуална злоупотреба на функцијата и какви санкции треба да се изречат против директорот“. – изјави за  AlsatM, Сафет Незири од МОН

Слични содржини