Мемети: Во затворот во Идризово владее корупција

од desk2

Народниот правобранител Иџет Мемети рече дека состојбите во затворот се крајно понижувачки и дека осудениците во затворот Идризово живеат во нехумани, нечовечки и деградирачки услови, презентирајќи го годишниот извештај.

„Во затворот се сместени 1966 лица, што е двојно повеќе од капацитетите. Во страшна состојба се и приемното и амбулантното одделение. Во приемното одделение нема прозорци и кревети, а во амбулантното одделение болните спијат на кревети без душек. Бактерии и вируси демнат од сите страни” , рече Мемети.

Правобранителот соопшти дека во затворот владее корупција и дека со пари затворениците можат да купат мобилни телефони, кревети, други подобности и дрога. Мемети додаде дека посета извршиле и во 8 полициски станици од кои само една ги исполнувала минималните услови. Во овој извештај се направени вкупно 50 посети од кои 4 во казнено-поправни установи, 8 во полициски станици, 1 во заводот во Демир Капија и 37 во центрите за згрижување бегалци.

Посетите ги правеле лица ангажирани со договор на дело затоа што Македонија немала Национален превентивен механизам. Ангажирани биле криминолози, психолог и психијатар, правници, социјални работници и медицинска сестра.

Слични содржини