Повеќе од јасно е дека Собранието нема да се распушти на 12 октомври! Трајанов и даде простор на власта да се “пишмани” за СЈО

од desk3

Претседателот на Демократскиот сојуз и пратеник Павле Трајанов денеска ќе поднесе предлог за измени на законите за СЈО и за заштитени сведоци по редовна постапка.

“Демократскиот сојуз денес во редовна собраниска постапка ги достави Предлог- Законот за измени на Законот за СЈО и Предлог -Закон за промена на Законот за заштитени сведоци, со кои се предвидува продолжување на периодот за поднесување на обвинение односно СЈО да може да користи заштитени сведоци во постапките против обвинетите.

 

 

Донесување на законите во редовна постапка отвора можност да се расправа на комисиите, како и на пленарна седница.

Очекуваме аргументирана расправа и преку носењето на законите и силна поддршка на СЈО.

Парламентот наместо да ја попречува правдата, ќе создаде услови за поефикасна работа на СЈО и инволвираните во криминал да понесат одговорност.”-посочи Трајанов

Инаку, вчера владејачкото мнозинство го одби барањето на специјалната обвинителка Катица Јанева за измени на законите за СЈО и за заштитени сведоци.

Од СЈО оценија дека со недонесувањето на измените на Законот за заштита на сведоци, се отежнува работата на СЈО.

На пленарна седница во Собранието, за донесувањето на измените на Законот за СЈО, по скратена постапка, го поддржаа 36 пратеници, додека против гласаа 54.

За измените на Законот за заштита на сведоци гласаа 42 народни избраници, а 52 беа против. Со ова Собранието не ги усвои предлозите за изменување на овие два закони.

Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Илија Димовски, по гласањето, во изјава за медиумите, рече дека пратениците на ВМРО-ДПМНЕ останале на претходно изнесениот став дека нема да прифатат никакво барање од СЈО и никакви нови договарања, преговарања и продолжувања на рокови кои се надвор од Договорот од Пржино.

На новинарско прашање дали кај владејачката партија постои страв дека нивни членови ќе бидат гонети од СЈО и затоа не го поддржуваат законот, Димовски одговори дека не им е страв и дека никој не е над Уставот и над Собранието.

– Тој што мисли дека е над нив, ќе ја добие лекцијата што беше испорачана – изјави Димовски.

Иницијативите на Јанева до пратениците произлегуваат од барањето на СЈО да може да навлезе во сржта на предметите „Нешковски“, „Монструм“ и „Сопот“.

Слични содржини