Во најновото видео на рускиот панк бенд за песната „Straight Outta Vagina“ е прикажана Надја Толоконикова во бела свештеничка облека и маска на лицето, додека во позадина пее хор составен од мажи и жени.

 

Толоконикова изјави дека песната ја снимала во февруари заедно со американскиот музичар, гитарист и продуцент Дејв Ситек, кој таа го опиша како „еден од најголемите феминисти“ кои некогаш ги запознала. Видеото е снимано во Лос Анџелес.

„Оваа песна може да се смета како одговор на Трамп. Но, јас верувам дека идејата за моќна женска сексуалност е многу поголема од некој популистички мегаломански човек.. Вагината е поголема од Трамп“, рече таа.

Од Пуси Рајот се очекува да објават уште две видеа кои ќе бидат своевиден коментар на американските и руските политики. Толоконикова рече дека ширењето на „патријархалните и идеите кои шират омраза против жените” е слично на сексуалните преносливи болести.

„Политичарите се фалат со силно лидерство. Трамп јавно ги поддржува авторитарните методи на Владимир Путин. И тоа е страшно. Тоа не е светот во кој сакам да живеам “, смета Толоконикова.

Таа повеќе не работи со ко-основачката на групата Маша Аљокина, која во моментов е на турнеја со Белорускиот слободен театар.

Двете поминаа 16 месеци во руски затвор по нивната анти-Путин „панк молитва” во катедрала во Москва. Третиот член на Пуси Рајот, Екатерина Самуцевич, која беше осудена заедно со нив, беше ослободена со условна казна.

извор: РадиоМОФ