ВМРО ДПМНЕ бара нови избори, СДСМ да им се додели мандатот

од desk2

ВМРО-ДПМНЕ во пишано соопштение до медиумите порачува дека  чувствува обврска да ја почитува волјата на мнозинството граѓани кои гласаа за Коалицијата „За подобра Македонија“ и заради почитта кон нив и нивната стратешка определба, нема да дозволи да се донесат никакви решенија што се спротивни на државните и национални интереси.

Легитимно е, додаваат, Зоран Заев и СДСМ да мислат дека платформата од Тирана е позитивна за земјава, но крајниот суд околу платформата треба да го дадат граѓаните. Тие не гласаа во декември за сите овие елементи од платформата.

– Се ближат локалните избори и најдобар излез од оваа криза е доколку Зоран Заев се охрабри и се согласи да ја постави платформата пред граѓаните. На ист трошок тие ќе гласаат и за локалните власти, но ќе се произнесат и околу платформата од Тирана. Доколку Зоран Заев и СДСМ имаат сомнеж дека платформата од Тирана е штетна за Македонија, ВМРО-ДПМНЕ ги охрабрува да ја отфрлат. Во таков случај би му помогнале на Зоран Заев и СДСМ да формираат влада каква што сакаат и покрај тоа што загубија на изборите. Цената ќе биде далеку помала отколку цената што ќе ја плаќаат сите идни генерации доколку не ги отфрлат уцените, наглсуваат од ВМРО-ДПМНЕ

Од друга страна СДСМ преку соопштение до медиумите порачува дека единствениот начин да се зачува и зајакне унитарноста на државата е преку концептот на едно општество со еднакви права и обврски за сите и оти тој концепт веќе победи.

Барањето за нови избори, се додава,  е само обид за продолжување на политичката криза и одложување на понесувањето одговорност за криминалите и злоупотребите.

– Тоа нема да се случи. Груевски и раководството на ВМРО-ДПМНЕ мора да ја почитуваат мнозинската волја на граѓаните. Ѓорге Иванов мора да ја почитува мнозинската волја преточена во 67 пратенички мандати и да го даде  мандатот за состав на новата реформска влада и независни демократски институции на претседателот на СДСМ, Зоран Заев. Граѓаните очекуваат брз и мирен трансфер на власта во Република  Македонија. Тоа е следен чекор, се нагласува во соопштението од СДСМ.

Слични содржини