Заев ќе ја голтне жабата

од desk4

Ви пренесуваме дел од колумната на Ерол Ризаов за „Независен“:

Колегата Зоран Дограмаџиев, лесна му земја, меѓународно докажан професионалец, долгогодишен дописник на „Танјуг“ од повеќе земји и известувач на јапонска новинска агенција уште пред десетина години во своја колумна во „Утрински“, насловена како „Жаба“, напиша дека на патот за Европа секоја нова членка на Унијата ќе голтне по една жаба. Непријатно, ама тоа е цената која мора да се плати. Што е помала жабата полесно е да се голтне, што порано, тоа поарно, беше неговата порака. Македонската жаба во изминатава деценија стана прилично голема и од неа сите бегаа. Таа е сега сервирана, веќе бааги крастава, подготвена да биде голтната. Според првите „кооперативни“ ставови на колективниот национален голтач по сѐ изгледа премиерот Зоран Заев прв ќе ја подголтне големата крекетуша, а по него и владата и неговите коалициски партнери.

Првите изјави на претседателот на државата Ѓорге Иванов и на лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски, дадени по состанокот на државниот врв на кој беа информирани за текот на разговорите меѓи премиерите Заев и Ципрас и за предлозите на медијаторот на ОН, Метју Нимиц, можат да бидат оценети како коректни и во оваа фаза како кооперативни, но истовремено и навестувачки дека премиерот и Владата ќе треба да ја преземат целата одговорност за конечните одлуки и дека не треба многу да се надеваат на национален консензус. Тоа значи дека последиците од прифаќање на решение за промена на уставното име на државата и сѐ друго во врска со името ќе биде на сметка на Заев и на Владата. Така може да се протолкуваат воздржаните изјави на претседателот Иванов и на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Мицкоски, по информативниот состанок.

Претседателот Иванов, како „реалист со искуство“, одмолча да каже нешто повеќе за да не биде разбрано како притисок. И, добро е што направи така, оти ако кажеше нешто како што мисли и кажува во последно време, уште на стартот ќе предизвикаше голема ѓурултија претставувајќи ја Македонија како неподготвена за решавање на проблемот. Претседателот Иванов, најверојатно, уште извесно време ќе се држи понастрана од оваа жешка каша. А, потоа ќе удри силно од истата страна накај ќе превагне вагата. Христијан Мицкоски, новиот лидер на ВМРО-ДПМНЕ, покрај оградите за само „информативен состанок“ и разбирливата воздржаноста да не се наштети на преговарачкиот процес, во кооперативноста отиде подалеку од претседателот Иванов соопштувајќи дека ВМРО-ДПМНЕ е силен поддржувач и останува посветен на опцијата Македонија да биде дел од НАТО-алијансата и ЕУ. Колку цврсто ќе бидат Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ на таа западна линија за влез во НАТО и во ЕУ ќе се види многу бргу кога ќе почне потешкиот дел од работата.

Сепак, кај Мицкоски на повидок е извесна, мала отворена врата, еден капиџик за секој случај ако навистина превладее во јавноста определбата да се прифати предлогот на ОН, односно на Метју Нимиц, да не му го препушти тој успех само на Заев. Таа резерва кај Мицкоски ќе добива на значење во зависност од тоа како ќе бидат примени од пошироката јавност промените,па така и ВМРО-ДПМНЕ ќе се прилагодува на ситуацијата. Мицкоски засега одбра пливачки курс. Тоа е сепак подобро решение, отколку веднаш груевистички да се минира од страна на опозицијата изгледната историска шанса да се стане членка на НАТО и во догледно време на ЕУ.

Целата колумна на „Независен“ на следниот линк.

Слични содржини