📽 Палестинскиот премиер се расплака за време на состанок: „Децата пишуваат имиња на своите тела“

од Stefanija Kuzmanovska

Палестинскиот премиер Мохамед Штајех се расплака за време на состанокот на кабинетот на палестинските власти додека ја раскажуваше приказната за мајка чии деца биле затрупани под урнатините во Газа. Да потсетиме, израелската армија веќе еден месец жестоко бомбардира цели во Газа со цел да се одмазди за нападот на милитантите на Хамас.

„Децата пишуваат имиња на своите тела за да можат телата да се идентификуваат. Мајката на трите деца затрупани под урнатините им порача на своите деца: „Дајте да ве видам, макар и на сон“, рече Штајех и се расплака.

„Израел не беше задоволен со 10.000 мртви, повеќе од 25.000 ранети и милион раселени. Тој сакаше да ја види Хирошима во Газа. Тој сакаше да го види геноцидот извршен од нуклеарната бомба што ја поседува Израел. Крвожеден сака да убива заради убиство“, продолжи тој.

„Меѓународниот кривичен суд сега мора да издаде налог за апсење на криминалците како превентивен чекор за запирање на машината за убивање. Ги поздравувам земјите кои ќе поднесат барања до судот за гонење на криминалци. Од совесните лица и застапниците на човечките вредности се бара брзо да дејствуваат за да се запре агресијата што го претвори Појасот Газа во појас на крв“, рече тој.

Откако ги отфрли повиците за прекин на огнот, Израел е под постојан притисок да се обиде да избегне цивилни жртви за време на воените операции. Газа е едно од најгусто населените места во светот, каде милитантите на Хамас се мешаат со цивилното население и го користат како жив штит.

Слични содржини