Аеродром останува сам – скопските општини без одговор дали ќе воведат интонирање на химната во училиштата

од Nikola Popovski

Општина Аеродром ја врати старо-новата пракса за интонирање на химната во основните училишта. Ваквиот потег наиде на одоборување и позитивни реакции во јавноста, па оттаму се постави прашањето дали и другите општини, претежно од Скопје, ќе го следат истиот чекор. Сепак барем засега, како што се чини општината предводена од градоначалникот Тимчо Муцунски останува сама во одлуката.

На прашања од „Локално“ дали и другите скопски општини ќе воведат сличен пример меѓу основците, не добивме одговори, иако ги поставивме до сите локални самоуправи кои се дел од главниот град.

Учениците построени, во униформи, кои пред неколку дена им беа поделени, исто така од општината, на 2 октомври, застанаа под македонското знаме во дворот и мирно ја слушаа македонската химна. Дел од учениците мирно стоеја во училниците.

„Станува збор за иницијатива преку која изразуваме искрена почит кон татковината и со која имаме цел да го подигнеме националното чувство и љубовта на дечињата кон Македонија, но и ќе ги охрабриме да учат за македонската култура и традиција“, напиша Муцунски во својата Фејсбук објава.

Просветниот кадар и експертите ја поздравија ваквата пракса. Професорката по психологија, Николина Ивановска Котевска во разговор за „Локално“ порача дека љубовта кон татковината е силно чувство кое се манифестира преку нашата индивидуална приврзаност со македонската култура, традиција, обичаи. Ги поттикнува и останатите кои се дел од образованието да поттикнуваат активности преку кои децата ќе се запознаваат со културата и обичаите на само на македонскиот народ, туку и на сите останати народи кои се дел од Македонија. И Психологот и гешталт психотерапевт Радмила Манчевска истакна дека вака се засилува врската меѓу младите и нивната држава.

-Сметам дека е корисно и за поздравување бидејќи со тоа се создаваат услови да се зајакне националното чувство и поврзаноста и почитта кон нашата земја. На младите луѓе е потребно да им даваме позитивни примери и да градиме меѓусебна поврзаност без разлика од каква етничка група доаѓаат, истакна таа.

За потсетување химната беше интонирана еднаш неделно во 2014 година, за во 2015 година да се интонира секојдневно, кога градоначалник на општината беше Ивица Коневски од ВМРО-ДПМНЕ, а министер за образование Панче Кралев. По одреден период химната се интонираше само во понеделник, но и тоа престана и повторна иницијатива имаше во 2017 година.

Според, членот 26 од Законот за употреба на грбот, знамето и химната на Република Македонија, се регулира во кои прилики се изведува државната химна:

„Химната на Република Македонија може да се изведува на прослави, политички собири, паради и други свечени манифестации со кои официјално се одбележуваат настани од значење за единиците на вооружените сили на Република Македонија и за граѓаните на Република Македонија, при меѓународни средби, натпревари и други собири (политички, научни, културно-уметнички, спортски и други) на кои Република Македонија официјално учествува или е презентирана, во согласност со правилата и практиката на одржувањето на тие собири, на погреб на заслужни личности кои се граѓани на Република Македонија кога од страна на Република Македонија им се укажува посебна почест и во други случаи, ако нејзината употреба не е во спротивност со одредбите на овој закон“.

Н.П.

Слични содржини