Алијанса прифаќа Гаши да биде нов мандатар

од Берта Китинска

На денешната прес конференција, пратеникот на Алијанса за Албанците, Елми Азири, изрази увереност дека Мицкоски кај лидерот на Алтернатива Африм Гаши препознал низа квалитети коишто би можеле да бидат употребени за излез на земјава од повеќето кризи.

-И ние повикуваме на формирање на експертска или техничка влада за што побрзо да имаме предвремени избори поради лошото менаџирање на кризата. Што се однесува до предлогот на господинот Мицкоски, претпоставувам дека господинот Мицкоски кај господинот Гаши видел капацитети за справување со сите кризи што се случуваат во Македонија но и со решавање на евроинтегративниот процес, односно деблокирање на тој процес, така да ние го поддржуваме тој предлог, зошто да не, кажа Азири.

Од Алијанса денеска повикаа на предвремени парламентарни избори откако, како што велат, земјата останува блокирана на патот кон ЕУ, после неколку последователни неуспеси на актуелната владина коалиција.

– После денешното фијаско е јасно дека режимот не може повеќе да се крие зад европската агенда којашто е блокирана поради нивните последователни неуспеси. Новите услови по новото одбивање од страна на ЕУ, не остава друг избор освен рушење на режимот СДСМ-ДУИ и создавање на експертска влада којашто ќе ја спреми земјата за нови парламентарни избори, рече Азири.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски побара преодна влада во февруари или март и предвремени избори во мај или јуни.

-Бидејќи Пендаровски бара 61 потпис да застанеме со 61 потпис позади името на Африм Гаши, да биде новиот мандатар на преодната влада, наместо Димитар Ковачевски и да ја реши енергетската и економската криза. Ова да биде до одржувањето на парламентарните избори. Очекувам и ДУИ да го поддржи Гаши за премиер, рече Мицкоски на прес-конференција во седиштето на партијата.

Слични содржини