Анѓушев: Интересот за изградба на фотонапонски централи е голем

од Vladimir Zorba

Денес, во Клубот на органите на државната управа, беше извршено отворање на доставени понуди за изградба на фотоволтаични централи на приватно земјиште, по претходно објавениот јавен повик на Министерството за економија.

Според вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев интересот е голем и тој е потврда за она што е направено како методологија и дека тоа дава резултати. При тоа соопшти дека претходно на јавен повик за фотонапонски централи на државно земјиште се доставени 85 понуди за градење 35 мегавати.

Најави дека следната недела ќе биде потпишан договор за фотонапонски централи во ТЦ Осломеј, каде инвеститор ќе биде ЕСМ.

Министерот за економија мКрешник Бектеши, оцени дека успешноста на овој јавен повик и големиот интерес на инвеститорите ја потврдуваат заложбата на Владата и Министерството за економија за промоција и поттикнување производство на електрична енергија од обновливи извори.

„Кога го донесовме новиот Законот за енергетика го променивме моделот на кој ќе се фокусираме во иднина за производство на електрична енергија и преминавме од фидин на премиум тарифа и тогаш многу луѓе беа скептични дека овој модел нема да успее. Денеска се докажува спротивното, со тоа што има многу голем интерес од компаниите кои учествуваат на овој јавен повик да изградат нови капацитети за производство на електрична енергија од обновливи извори во Северна Македонија и тие капацитети да бидат во склоп со начелата за заштита на животната средина. По процедурата од тендерската постпака, следува избор на оние кои доставиле најповолна понуда согласно критериумите пропишани во јавниот оглас. Овој јавен повик е извонредна можност за сите граѓани, правни и физички лица, да реализираат инвестиции во енергетски проекти, а со тоа да се зголеми и производството на електрична енергија од обновливи извори“, подвлече Министерот Бектеши.

Слични содржини