Авионот од Софија до Скопје полетува в петок – нова средба на експертско ниво

од Берта Китинска

Двете министерства за надворешни работи, на Северна Македонија и на Бугарија, во Софија ќе ги продолжат разговорите на експертско ниво за политичкиот пакет прашања во обид за надминување на разликите меѓу двете земји.

Шефот на дипломатијата Бујар Османи, кажа дека преговорите продолжуваат преку комисиите, при што на 10-ти ќе се одржи состанок на Работната група за инфраструктура, на 14-ти Работната група за евроинтеграции, потоа на 21-ви Работната група за образование и на 28 февруари, состанок на Заедничката комисија за историски прашања, така што, вели тој, четири пати ќе разговараат за иднина, а еднаш за историја.

Министерот за транспорт и врски Благој Бочварски, во петокот информираше дека македонска и бугарска делегација од ресорните министри за трансорт и туроператори од двете држави ќе бидат патници на првиот лет што треба да се реализира на 11-ти, месецов на релацијата Софија-Скопје. Компанијата „Гуливер” е заинтересирана да го реализира летот, а на оваа релација се очекува да има редовни летови во текот на следниот месец.

– На 10 февруари ќе имаме средба во Софија заедно со нашите тимови на Комисијата за транспорт и инфаструктура и на 11-ти веќе ќе се организира првиот лет од Софија за Скопје каде заедно со делегациите од нашата страна и министерот и туроператори од Бугарија ќе бидеме дел од тој лет заедно. На 11 февруари во Скопје ќе организираме заедничка средба со туроператорите од Северна Македонија, каде што очекувам да се најдат сите поволности и можности и најдобри солуции за граѓаните, за во иднина оваа линија да биде операбилна и да може да оперира редовно на релација Софија – Скопје и секако уште една дестинација што ќе биде дополнителна можност за граѓаните, најави Бочварски.

Минатата седмица, со состанокот на Работната група за економија, трговија и иновации на претставници на Северна Македонија и Бугарија, што се одржа во Скопје, почна и практичната примена на новиот пристап во односите меѓу двете земји, кои го најавија премиерите Димитар Ковачевски и Кирил Петков.

Зајакнување на практичната соработка во сфери кои се важни за секојдневниот живот на граѓаните на двете држави и на тој начин топење на мразот околу потешките прашања е нешто што Ковачевски и Петков го промовираа и во Скопје и во Софија, на меѓувладината седница, а кое треба во крајна линија да доведе до компромис за спорот и тргање на бугарското вето за почеток на преговори на Северна Македонија со Европската Унија.

Слични содржини